Се сетија ли пратениците од ДУИ на амнестирањето од 2002 година кога гласаа против амнестијата за 27 април?

Нема амнестија и ослободување од затворот на осудените лица за настаните во македонското Собрание на 27 април 2017 година. Така вчера попладне пресуди парламентраното мнозинство одбивајќи го предлогот да се расправа за законско решение.

За неприфаќање гласаа 58 пратеници кои се дел од владеачките партии, додека амнестијата ја поддржале 41 пратеник. 

Предлогот, инаку, предвидуваше сите оние кои се осудени на казни затвор до десет години да бидат ослободени од понатамошно издржување на казната, а за осудените над десет години да се ослободат од 50 проценти казна. Со тоа ќе се ослободеа од казните 16 лица кои во 2019 година беа осудени на вкупно 211 години затвор.

Пратениците од парламентарното мнозинство со тоа не прифатија на таков начин да се разреши еден од случаите кои последните години е извор на големи тензии и поделби во македонското општество. Си останаа на ставот дека со тоа би се испратила погрешна порака до јавноста, дека со тоа би се отворила можноста во иднина некои политички структури повторно да преземат ваквите активности…

Со тоа ја одбија амнестијата која што всушност не е реткост да се донесуваво македонскиот парламент. Пратениците во изминативе години изгласувале амнестија за многу потешки случаи и настани отколку што беа оние од пред шест години.  Во март 2002 година во Собранието беше изгласан Законот за амнестија на поранешните припадници на ОНА, по крвавиот воен конфлик во 2001 година во Македонија кога луѓе беа врзувани за столбови и разнесувани со бомби, кога се резбаше со нож по телата на заробени луѓе, кога…. Тогаш, предлогот брзо беше изгласан од четирите најголеми партии кои што го потпишаа Рамковскиот договор, а со што од вина беа ослободени оние кои што убиваа, палеа, уништуваа…

Сето тоа беше објаснувано дека ќе донесе подобро општество. Ослободени од вина подоцна добија можност да основат и политичка партија, да се вклучат во општествениот живот, да учествувата на избори, да бидат дел од владината коалиција, да извршуваат високи државни фукции како претставници на партијата ДУИ. Тука, сигурно, е еден и од парадоксите кои се врзуваат за вчерашното одбивање на предлогот за амнестијата за 27 април – оние пратеници, припадници на партијата чии основачи и голем број на членови, си ја добија амнестијата пред 21 година, сега некако не се заинтересирани за амнестијата за другите. Заборавија на сето она што се случуваше во македонското општество во текот на воениот конфликт и на сите оние конфронтации коишто ги предизвика нивното амнестирање во 2002 година. А доволно беше само да се потсетат на тоа.

Инаку, има и еден друг интересен податок од вчерашното гласање: Според информациите во медиумите амнестијата ја поддржаа пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но не сите. Осуммина пратеници од оваа партија не го дале гласот „За“. Од друга страна пак за амнестија гласаа пратениците на Демократскиот Сојуз и на ВМРО-Народна, како и двајцата пратеници на Левица.

Претходна вест„Папокот на светлината“ – новото ремек дело од Венко Андоновски ја обиколува Македонија
Следна вестСојуз на средношколци: Да не се укинува еден интерен испит за државната матура, ќе се отежне уписот на универзитети