Се слави Свети Климент Охридски, светител по кој се препознава македонскиот народ

Со зборови си ги упатил народите кон верата Божја, со делата си се издигнал, преблажен, кон божествен и блажен живот…, пишува во Тропарот на Свети Климент Охридски – Чудотворец, чиј празник денеска го одбележуваат православните христијански верници. Тој е најпознатиот меѓу повеќето ученици на Светите браќа Кирил и Методиј, првиот македонски и словенски хиротонисан епископ, творец на далеку познатата Охридска книжевна школа, најзначајниот македонски средновековен писател и педагог кој со своето дело на повеќе полиња стана заслужен не само за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет.

Свети Климент заедно со Свети Наум Охридски се најистакнатите ученици на Светите браќа Кирил и Методиј. Се претпоставува дека се родил во периодот од 830 до 840 година. Во Пространото Климентово житие пишува: „тој го познавал неговиот (Методиевиот) живот како никој друг, бидејќи пошол по него од најмлади години и со свои очи ги видел сите дела на својот учител“. Поради оваа блискост со свети Методиј, најверодостојна и најподдржана е тезата дека тој потекнувал од Македонија, или од Струмичко-брегалничката област каде со словенското кнежество управувал свети Методиј пред да замине во Мала Азија, или од Охрид, или пак, со помала веројатност од Солун. По заминувањето на свети Методиј од светот, со цел „целиот свој живот на Христа Бога да Му го посвети“ во манастирот на Олимп, со него заминале и свети Климент и свети Наум. Се смета дека двајцата таму биле замонашени. Дури и се мисли дека пред Моравската мисија, свети Климент учествувал и во Хазарската мисија.

Дваесетина години во Велика Моравија им помагале на солунските браќа во остварувањето на Моравската мисија. Кога кон крајот на 867 или почетокот на 868 година светите браќа Кирил и Методиј биле повикани во Рим со нив бил и Свети Климент. Тогаш бил ракоположен во духовно звање. По смртта на Кирил, во Рим, свети Климент заедно со свети Методиј се вратил во Моравија и му останал верен во одбраната на словенскиот јазик во црковната богослужба. По смртта на св. Методиј кога неговите ученици биле жестоко мачени, а потоа и протерани од Моравија тој доаѓа во Охрид каде ја основал познатата Охридска книжевна школа наречена и прв словенски универзитет во кој оспособил над 3.500 ученици за црковна богослужба. Тие ученици подоцна во групи од по 300 биле распоредени низ целата епархија. Едни од учениците биле ориентирани кон црковна дејност, други кон книжевна. Се препишувале и преведувале богослужбени книги, но и се создавале оригинални дела кои претставуваат класични творби на старата црковнословенска литература. Најмногу стари ракописи со црковни служби потекнуваат од Македонија и носат белези карактеристични за Охридската книжевна школа која црковно и книжевно жариште на македонската, но и на сесловенската писменост. Доказ за тоа се најстарите зачувани словенски ракописи од крајот на 10. и почетокот на 11. век, пишувани на глаголско писмо: Маринско и Зографско евангелие, Синајски псалтир и Синајски евхологиј, Македонски листови, Асеманово евангелие и др. кои потекнуваат од оваа школа.

Нему му се припишуваат опширните житија на Кирил и Методиј познати како „Панонски легенди“, најзначајниот извор за проучувањето на животот и делото на солунските браќа. Напишал и поуки за големите христијански празници , за други празници на апостоли и маченици како и повеќе пофални слова за христијански светители. Свети Климент и неговиот универзитет, практично, станале граница меѓу двете големи јазично-културни цивилизации: грчката и латинската, и  со што се издигнала во Европа третата – словенската јазично-културна цивилизација.

Житието вели: „Со своето дело Климент го урна ѕидот на незнаењето…Никогаш не го видовме да бездејствува… или се оддаваше на молитва, или се занимаваше со читање, или пак пишуваше книги… Со таквиот однос тој со право се смета за еден од првите, најистакнати, најнадарени и најплодни писатели на старата словенска литература. Благодарение на делото на свети Климент и на свети Наум, во православните словенски земји црковно-словенскиот јазик останал како заеднички јазик, сè до создавањето на современите словенски јазици.

По седумгодишната учителска дејност, во 893 господово лето, Свети Климент бил поставен за епископ велички и станал прв словенски епископ во чија епископија се богослужело, се проповедало, се читало и се пишувало на старомакедонски словенски јазик. Организирајќи ја својата епископија, станал организатор на црквата кај нас, со наша народна јерархија, тој во Охрид ги поставил темелите за подоцнежната Охридска архиепископија, од која произлезе Македонската православна црква – вистинската и доследна нејзина наследничка и продолжителка на Сетиклиментовото дело. На епископската должност тој останал 23 години. Во 916 година, шест години по упокојувањето на свети Наум, и тој ја предал својата душа во Божји раце. Неговите чудотворни мошти долги години почиваа во некогашниот храм на Пресвета Богородица, кој подоцна се нарече и свети Климент, а во 2002 година беа пренесени во обновената црква на Плаошник каде што почиваат денес.

И по неговата смрт Охридската книжевна школа го задржува доминантното место во развојот на македонската писменост. Свети Климент, заедно со свети Наум, ги зацврстија темелите, односно го продолжија делото на оние кои пред нив ја создаваа и градеа Македонската православна црква и со право таа сега се нарекува Светиклиментова, а тој стана светител по кој се препознава македонскиот народ.

Претходна вестТежок судир вечерва го затвори автопатот Скопје -Тетово
Следна вестПроменливо облачно време со дневна температура до 14 степени