Се слави Тодорица, празник на приврзаноста кон велигденскиот пост

Тодорова сабота или Тодорица/Тодорија — православен христијански празник кој се слави во првата сабота од велигденските пости, односно првата сабота по Прочка, денеска прославуваат православните христијански верници во Македонија. Оваа сабота е последниот ден од Тодоровата недела. Тодорова сабота или Тодорица се смета за празник на приврзаноста кон велигденскиот пост а свој именден празнуваат: Тодор, Тодорка, Божидар…

Овој празник е посветен на Светиот великомаченик Теодор Тирон, кој настрадал во прогоните на христијаните од страна на римскиот цар Максимилијан. Се празнува во спомен на едно чудо што го направил св. Теодор Тирон околу 50 години по смртта. Имено, еднаш, непосредно пред почетокот на велигденскиот пост, римскиот цар Јулијан Отпадникот сакал да им напакости на христијаните и наредил храната што се продавала по пазарите да се испрска со крвта на жртвите што им се принесувале на римските идоли. Меѓутоа, св. Теодор Тирон на јаве му се појавил на цариградскиот патријарх и му кажал да им забрани на христијаните да купуваат храна од пазарите, зашто таа ќе биде осквернавена со крв и наместо тоа, цела недела да јадат пченица со мед. Патријархот така постапил и христијанските верници останале неиспоганети пред нивниот најголем празник. Во спомен на овој настан, првата сабота од велигденските пости е наречена Тодорова сабота.

За празникот Тодорова сабота се поврзани повеќе верувања и обичаи. На пример, во Дебрца, спроти празникот, девојчињата изведувале интересен обичај со цел да научат да везат. Тие дома подготвувале ќесиња направени од крпчиња и потоа ги полнеле со пепел. Вечерта спроти празникот, додека биле во црквата, ќесето го закачувале на појасот на некоја жена која била позната како добра везилка. Жените кои вака ќе собереле повеќе ќесиња, на враќање од црквата кон дома, ги фрлале ќесињата во реката со зборовите: „Како што брза водата, така и девојчињата да научат да везат“.

Исто така, на Тодорова сабота, младите девојки изведувале и обичаи со кои сакале да дознаат кој ќе биде нивниот иден маж. За таа цел, во петок навечер, за време на вечерата, девојките го зачувувале првиот залак и го ставале под перницата. Притоа, се верувало дека момчето кое ќе го сонеле, подоцна ќе им стане маж. Најголемиот број обичаи поврзани со овој ден се изведуваат вечерта спроти празникот. Во повеќе краишта на Македонија тогаш во црквата се носи т.н. Тодорички леб или Тодоречка погача.

Претходна вестМЗТ забележа важна победа над ФМП во АБА лигата
Следна вестСпасени косовските државјани кои беа заглавени со возило во снег на Галичица