Се судрија руски авион и американски дрон, двете страни со различни верзии за настанот

Руски борбен авион се судри со американско разузнавачко и надзорно беспилотно летало над Црното Море. И американската и руската страна имаат различни верзии за настанот.

Според американските власти, инцидентот се случил во меѓународниот воздушен простор над меѓународните води, пренесува Би-би-си. Воздухопловните сили на САД објавија соопштение во кое обвинија дека рускиот авион се однесувал на „непромислен, еколошки неправилен и непрофесионален начин“.

– Околу седум часот еден од руските авиони Су-27 го погоди пропелерот на МК-9, поради што американските сили мораа да го соборат МК-9 во меѓународни води. Неколку пати пред судирот, Су-27 фрли гориво и леташе пред МК-9 на непромислен, еколошки неправилен и непрофесионален начин. Овој инцидент, покрај тоа што е небезбеден и непрофесионален, покажува недостаток на компетентност, се вели во соопштението на генералот на американските воздухопловни сили Џејмс Б. Хекер, командант на американските воздухопловни сили во Европа и Африка.

Со коментар се огласи руското Министерство за одбрана, кое соопшти дека нивниот авион немал контакт со дронот и не користел оружје.

– Утрото на 14 март во регионот на полуостровот Крим е забележано дека американско беспилотно летало се приближува до државната граница на Руската Федерација. Дронот го нарушил подрачјето на воздушниот простор кој е затворен поради извршување на специјалната воена операција. Тогаш, биле подигнати руските „Ловци“. Како резултат на остри маневрирања, американскиот дрон изгубил контрола и висина и се судрил со водната површина, тврдат во Министерството за одбрана на Русија.

Координаторот за стратешки комуникации на Белата куќа Џон Кирби изјави дека САД ќе продолжат да летаат над Црното Море и покрај инцидентот.

– Летаме во овој воздушен простор веќе една година, ќе продолжиме да го правиме тоа и не ни треба одобрение од Русија за да летаме над меѓународните води. Ако целта им е да испратат порака дека сакаат да не спречат да летаме над Црното Море, тоа нема да се случи, рече Кирби пред новинарите.

Американскиот Стејт департмент претходно вчера го повика рускиот амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Антонов, во врска со инцидентот. На оваа Антонов реагираше со повик до Вашингтон да престане со „непријателските“ летови во близина на руските граници

Рускиот дипломат реагира и на Кирби, кој рече дека американските летала вршат такви прелети на дневна основа.

– Што прават тие илјадници километри далеку од САД? Одговорот е очигледен: собираат разузнавачки информации, кои последователно ги користи киевскиот режим за напади врз нашата територија и вооружените сили, пишува Антонов.
Амбасадорот притоа поставува реторичко прашање како би постапиле САД во обратна ситуација. – Ако, на пример, се појави руско јуришно беспилотно летало во близина на Њујорк или Сан Франциско, каква би била реакцијата на американското воено воздухопловство и морнарица?! Сигурен сум дека акциите на американската војска ќе бидат бескомпромисни, не дозволувајќи ‘пробивање’ на нејзиниот воздушен или поморски простор, истакнува Антонов.

Руски и американски авиони летаа над Црното Море за време на војната, но ова е прва позната таква интеракција, која беше потенцијално опасна и можеше да ескалира во критичен момент од борбите, пишува Си-Ен-Ен.

Претходна вестДУИ го плаши ли СДСМ со предвремени избори?
Следна вестПочнува реконструкцијатa на улицата „Александар Урдаревски“ во Бутел