Се вознемируваат ли дебело платените институции што деца наместо моливи во ранец носат ножеви?

Сeријата крвави инциденти предупредува

Еден убиен малолетник и петмина средношколци прободени и ранети со нож од нивни врсници, ова се случи во Скопје за само еден месец. Загрижувачки! А во овој црн биланс не се вклучени „обичните“ тепачки на малолетниците каде се користат шипки, тупаници… Едноставно, не може да помине недела, а да нема некој сериозен инцидент поврзан со лица кои немаат навршено 18 години.

Уште позагрижувачко е тоа што јавноста и надлежните институции како да почнаа сето ова да го доживуваат како нешто „нормално“. Па така, сторителите често не се откриваат од полицијата, а институциите какви што се школите, општините, министерствата реагираат млако или никако, а и семејствата-родителите се анемични, незаинтересирани…

Зарем не се гледа дека малолетничките пресметки во Скопје стануваат опасни и пречести? Од каде им е оружјето во нивните училишни ранци? Зошто се решаваат да посегнат по него кога знаат дека можат да убијат или да ранат некого?… Сето ова се прашања на кои треба да се одговори за да се допре до децата пред да влезат во некоја пресметка и да сторат нешто лошо. Неколкуте рутински предупредувања и повремените кампањи не се доволни.

Зарем минатомесечното убиство на 17-годишникот во населбата Ново Лисиче од неговиот врсник не беше доволно за конкретна реакција?

-Тоа убиство беше шокантно, но медиумите не му дадоа значење. Не алармираа што се случува меѓу младинава. Повеќе се реагира за некакво си ФБ писание во кое ќе се изнела лажна вест или ќе нападнел министер. Тогаш и невладини организации и МВР пишуваат соопштенија, а кога детето беше убиено-се одмолча. Извитоперена логика, затоа и многу млади се во хаос и се агресивни, ни вели центарецот Тони.

Инаку, неколку дена по убиството следеше и ранување на осумнаесетгодишник во Арачиново, на 17 – годишник на булавер „Крсте Мисирков“, како и тешкото ранување на 16-годишник и повредување на двајца негови врзници во автобусот на ЈСП „Скопје “ во Сарај.

Ланското истражување на УНИЦЕФ покажа дека во земјава 42 отсто од учениците на возраст од 13 до 15 години пријавиле дека доживеале врсничко насилство. Во една анкета правена во скопската гимназија „Орце Николов“ околу 30 проценти од учениците навеле дека биле изложени на насилство, а 50 проценти дека биле сведоци на малтретирање на нивните соученици.

И последно големо истражување од 2014 година за насилствата во средните училишта покажало загрижувачки резултати: секој петти ученик имал физичка пресметка, секој втор не се чувствува безбедно и смета дека некој друг ученик во чанта носи боксирач или нож, а имало и такви кои отворено признале дека носат ножеви, па дури и пиштоли (6,8 и 4,1 процент).

-Насилните деца родителите ги испуштија од раце. Се нема и домашно воспитување, а сето тоа е резултат и на нефункционалното општество. Се нема заштита од полицијата, која повеќе е репресивна, казнува, отколку што се грижи за безбедноста на граѓаните, смета скопјанецот Емил Арсов.

Предупредуваат и просветните работници кои секојдневно работат со средношколците.

-Агресијата раѓа агресија. Ако децата растат во услови на честа конфликтност, во асоцијални семејства по било кој основ, дисфункционално општество во кое злоставувањата се кријат, а убиствата заташкуваат, тогаш ќе го прифатат таквото однесување како нормално. Кренеш ли еднаш рака врз физички послабо суштество од било која причина раката станува опасно деструктивно орудие. Носиш ли, или поседуваш пиштол, кога тогаш ќе пукаш со него и кога не е во самоодбрана. Децата растат и со агресивни видео игри, пред кои ние возрасните се вознемируваме со еден поглед, а тие се забавуваат како да се во Дизниленд. Законот на агресивноста не бира време и место, не препознава емоции, не сочувствува, дури не знае ни да се покае. Едноставно се проектира после период на акумулација. И сѐ почнува со зборот, неговата разорна моќ е иницијативна каписла за физичка пресметка. Децата не имитираат нас возрасните и во негативните однесувања и нема виновни деца до 18 години. Ние од нив правиме агресивци, потенцира Татјана Алексиќ, професорка во скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“

Симона Стојчевска вели дека анкетата која ја правеле меѓу средношколците во „Орце Николов“ открила и друг проблем.

-Учениците укажаа и на проблемот што во училиштата не се зборува за менталното здравје, за тоа како учениците да се справуваат со проблемите и стресовите што ги доживуваат. Тоа е голем недостиг на нашиот образовен систем. Ако не се грижиме за менталното здравје на учениците тогаш е можно и избувнувањето на агресивноста. За тоа треба да се збори и приватно и во училиштата, потенцира Стојчевска.

Целиот текст може да го прочитате во бесплатниот неделник СКОПСКО ЕХО