Се замрзнуваат цените: Тестенините поевтини за 10 проценти, за млечните производи се чека на производителите

Одлука за замрзнување на цените на тестенините и на млечните прозиводи се очекува да биде донесена, по ограничувањето на цената на лебот на 33 денари. Ова вчера го најави министерот за економија Крешник Бектеши според кого со одлуката што се очекува да ја донесе Владата ќе бидат опфатени макароните, шпагетите, белото сирење, млекото, урдата,…

Тестенините, според министерот Бектеши, ќе поевтинат за најмалку десет проценти, додека за млечните производи ќе се причека производителите до денес да се подготват зашто, како што изјави, некои веќе и самите ги намалуваат цените.

– Граѓаните да бидат спокојни, цените ќе бидат намалени не само на овие производи. Ние во континуитет ќе продолжиме со сите производи каде анализите ќе покажат дека има поголеми профити или маржи од она што е редовно, истакна вчера Бектеши.

За одлуките за замрзнување на цените, како што најави Бектеши, се очекува во текот на денот да информираат заедно со премиерот Димитар Ковачевски.

На крајот на февруари, Владата ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари откако анализите на Министерството за економија и инспекциските контроли покажаа дека дел од компаниите не ги намалиле цените соодветно иако користеле субвенционирана електрична енергија.

Претходна вестДожд, грмежи и ветер со брзина од 70 километри на час
Следна вестСе отвора прва градска биотехнолошка лабораторија во Скопје