Парламентарните избори сериозно го здрмаа СДСМ. Партијата доживеа убедливо најслаб изборен резултат до сега. Почнаа да фрштат оставки во партиското раководство.
Поразот е тежок цели 280.000 гласови, колку што е минусот на СДСМ во однос на победничката партија ВМРО-ДПМНЕ бидејќи се освоени само 153.250 гласови, а што е далеку полошо и од до сега најслабиот резултат од 233.284 гласа колку што социјалдемократите освоија во 2008 година кога, исто така, беа убедливо поразени.
И што би рекол Зоран Заев – згора на тога – сега СДСМ не се ниту втора партија по силина во Македонија бидејќи имаат помалку пратеници и од ДУИ.
Некогаш силната македонска партија сега има само 18 пратеници и тоа заедно со целата своја коалиција!
Оние раководни лица со повеќе чуство на одговорност веќе почнаа да даваат оставки. Прво прексиноќа оставка поднесе партискиот потпретседател Фатмир Битиќи.
-Како потпретседател на СДСМ, посветен на етичките и демократските вредности, решив да поднесам оставка од функцијата потпретседател на партијата. Мојата оставка ќе биде целосно ефективна кога тоа ќе го сторат и останатите мои другари кои го сочинуваат раководството на партијата – од првиот до последниот, порача тој.
Вчера претпладне пак, повлекувањето најави и вториот потпретседател – Перо Костадинов кој е градоначалник на Валандово.
-СДСМ ќе се реформира, затоа што му е неопходен на општеството. Тоа ќе го направи како државотворна партија која секогаш ја негува демократијата, наведе тој.
Истиот ден, попладне стаса и оставката на заменик министерката Јованка Тренчевска на функцијата претседателка на форумот на жени на СДСМ.
-Од денес во СДСМ нека настапат оние со квалитети, вистински знаења, лицата блиски до народот на кои им се верува. Нови лица, неизвалкани од бремето на претходните функционери, појасни Тренчевска.
Бранот на оставки ја покрена синоќа и заменик-претседателка на партијата Соња Лукаревска. Во објавата на Фејсбук таа напиша дека СДСМ секогаш бил достоинствен и заради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и со одговорноста.
-Јас не сакам да бидам исклучок. Благодарам за укажаната доверба да бидам заменик претседател на СДСМ. И таа должност ја извршував со почит, совесно, одговорно и чесно. Секако, со поддршка од сопартијците и незаменливата потпора од моите родители. Благодарам е најмалку што можам да им речам. На ред е нашата внатрепартиска средба со вистината, потенцира Лукаревска.
Дали оставките на партиските функционери ќе продолжат и натаму останува неизвесно. Прашањето е дали во наредниве денови ќе следат и други оставки во највисокото раководство на партијата – на генералниот секретар Миле Зечевиќ, на уште двајца други потпретседатели – Бисера Костадиновска – Стојчевска и на Стефан Богоев, на Васко Кичевски, претседател на Скопската организација на СДСМ, на 14 членови во Извршниот одбор или со тоа ќе се почека?
Лидерот Димитар Ковачевски, пак, прексиноќа изјави дека и тој и сите партиски функционери имаат одговорност за поразот. Ковачевски повика на итна анализа во партијата и свикување на отчетен конгрес, со цел потполно консолидирање на целата партија.
-Денешниот резултат е разочарувачки, на СДСМ му е зададен тежок удар не само од гласачите туку и од симпатизерите на партијата. Во периодот што следи длабоко ќе анализираме што е причина за ваквиот пораз. СДСМ мора да погледне внатре и да види кој се слабостите во последните 4 години, ако не и во последните 7 години. Во наредниот период детално ќе ги анализираме овие резултати и посериозно и подлабоко мораме да го најдеме изворот за овој поразителен исход. Не сакам да посочувам виновници, сите имаме одговорност, како партиските функционери на локално и централно ниво. СДСМ ќе треба добро да погледне внатре и да размисли што направивме и кои се слабостите, рече Ковачевски.
Колку долго ќе размислуваат за своите слабости останува да се види.