Се знае ли сега како ќе се попишува етничката, јазична и верската припадност на печалбарите?

Априлскиот попис на населението како да не може без проблеми. Сега, конфузија се создаде околу тоа на кој начин ќе се попишува етничката, јазична и верската припадност на лицата кои престојуваат во странство. Односно, се покрена дилемата дали одговорот на овие пописни прашања ќе може да го даваат само лицата кои ќе се попишуваат или, пак, тоа ќе можат да го соопштат и лицата кои во земјава ќе ги даваат другите податоци за нив?

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симевски пред неколку дена кога ја презентираше методологијата за спроведување на пописот во Македонија рече дека за прашањата за етничката, јазичната и верската припадност ќе мора секој лично да се изјасни.

-Кога некое лице дава податоци за друго лице, не може да се даде одговор на оние прашања за коишто се бара исклучиво лично изјаснување. Тоа се прашањата за етничката припадност, религиозната припадност и јазикот. Лице што не ги познава доволно, не може да даде податоци и нема да ги знае сите одговори и апликацијата нема да го прифати одговорот. Денес постојат можности за комуникација, лесни, достапни и евтини, да се искомуницираат тие лица кои се надвор и самите да ги пополнат податоците. Тоа е целта, и тоа би било најдоброто решение, рече Симовски.

Меѓутоа, на ова вчера реагираше неговиот заменик Иљми Селмани кој изјави дека на овие прашања ќе можат да одговараат и роднините.

-Не знам што сакал да каже директорот и најдобро е него да го прашате. Но, знам дека тоа што го кажа е грешка. Како прво, такво нешто не е предвидено ни со закон, ни со методологијата. Законската одредба е општа и вели дека ќе даде податоци коишто се однесуваат на лицата коишто се надвор од земјава, изјави Селмани.

Членот 8 од Законот за попис предвидува дека за државјаните на земјава кои се на привремена работа или престој во странство податоците од членот 10 од овој закон ги дава полнолетно лице на кого најмногу му се познати, при што го дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот. На лицата кои престојуваат на привремена работа во странство им е дадена и можност за самопопишување во периодот од 1 март до 21 април 2021 година на посебна апликација која е достапна на веб-страницата на Државниот завод за статистика.

На изјавата на директорот Симевски веднаш реагираа и албанските опозициски партии. Тие најавија бојкот на пописот доколку се примени решението што го најави директорот на Државниот завод за статистика.

Претходна вестТешко повреден моторџија кај ГП „Блаце“
Следна вестКако може главниот плоштад да е толку сив, а пред 10 години беше толку зелен?