Седум возрасни лица и едно дете први ќе ја примат терапијата со лекот за цистична фиброза „Трикафта“

Седум возрасни лица и едно дете ќе бидат први пациенти кои ќе ја примат терапијата со новонабавениот лек „Трикафта“ против цистична фиброза. Ова денеска го соопштија министерот за здравство Фатмир Меџити и директорката на Клиниката за детските болести Стојка Фуштиќ.

-Министерството за здравство го реши најголемиот проблем за болните со цистична фиброза. Очекуваме значително да се подобри квалитетот на нивниот живот. Напоредно со ова, работиме на наоѓање на решенија и за останати лица засегнати со оваа дијагноза, рече министерот Меџити.

Докторката Стојка Фуштиќ, специјалист за цистична фиброза, рече дека лекот веќе го примаат пациентите кои треба да ја започнат терапијата. Според неа, на Клиника ќе го примаат 6 пациенти, додека пак двајца пациенти кои се водат во критична состојба ќе бидат лекувани на Универзитетската Клиника за пулмологија.

-Очекуваме да започнеме со терапија овие денови, кај некои од утре, очекуваме позитивен ефект од терапијата во однос на подобрување на нивната белодробна функција, подобрување на квалитетот на животот, на нутритивниот статус, намалена зачестеност на хоспитализација и секако поактивен живот на овие пациенти“, порача Фуштиќ.

Таа додава дека се работи за 7 возрасни лица над 18 години и едно дете.

Докторката истакна дека се работи за годишна терапија, а пациентите ќе доаѓаат на Клиниката еднаш месечно со цел да ја земат.

-Тоа е таблетарна терапија. Примаат две таблети сабајле од комбиниран модулатор, и една таблета навечер од еден модулатор, вели докторката.

Претходна вестКонцерт на Филхармонија со виолинистката Леиа Зу
Следна вестУнгарија испраќа нови полицајци во Македонија