Секој четврти заразен од вирусот во Македонија бил хоспитализиран

Кај 612 лица или 32,2 проценти од дијагностицираните не се регистрирани симптоми на заболувањето Ковид-19, покажува последната анализа на Институтот за јавно здравје, а се однесува на период до 20 мај годинава. Од нив, 457 или 74,7 отсто имале контакт со веќе потврден случај во државата.

До завчера во Македонија имало вкупно 1.898 заболени лица, а 111 починале.

Во анализата на ИЈЗ се покажува дека најголем број на заболени се на возраст над 60 години – 415 (21,9 отсто), додека најмалку имало кај деца на возраст од 0-9 и 10-19 години, каде се пријавени 69 и 86 случаи.

-Од пријавените случаи, 25,7 отсто се или биле хоспитализирани во текот на болеста, а останатите биле или се на домашно лекување, асимптоматски или со полесна клиничка слика, се наведува во анализата.

Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (66,5 проценти), кашлица (53,6 отсто), малаксаност, треска, главоболка, отежнато дишење и болка во грло.