Секоја година преправаат учебници, а од воспитувањето на учениците сите дигнале раце

Во училиштата сметаат дека си ја завршиле работата ако им се предаде лекцијата на децата. А ако голем дел од учениците не ги слушаат предавањата, наставниците не реагираат, дигнале раце. Така не се воспитува млад човек, вели Дарко Давидовски…

Сега наставниците се немотивирани да делуваат воспитно врз децата. Се плашат од родителите кои дејствуваат од позиција на моќ и сериозно може да им наштетат на угледот, достоинството, па дури и распределбата на часови на наставниците, потенцира професорката Весна Симјановска…

Скопјани неодамна беа шокирани кога во Ново Лисиче беше убиено малолетно момче од страна на само една година постар ученик. Една кавга беше доволна да се потегне нож, да се одзеде животот на врсник. За жал и овој загрижувачки инцидент падна во сенка на политичките инциденти и афери кои се случуваат секојдневно, па повеќе се расправа за зборот „педер“ отколку што да се превземе околу насилството кај младите. Голем дел, ако не и поголемиот дел од средношколците стануваат се полоши, поагресивни, понетолерантни, поневоспитани… Очигледно, ниту родителите, ниту училиштата ја завршуваат домашната задача – воспитувањето.

Родителите се на потег веднаш. А скориот почеток на учебната година е вистинско време да се постави и прашањето: дали школите обрнуваат доволно внимание на воспитанието на учениците или пак таа нивна обврска е ставена по страна?

– Во училиштата сметаат дека си ја завршиле работата ако им се предаде лекцијата на децата. А ако голем дел од учениците не ги слушаат предавањата, наставниците не реагираат, дигнале раце. Ако на одморите ги гледаат дека се агресивни или пушат и пијат алкохол, најчесто ја вртат главата, оти не сакаат непријатности со родителите. Така не се воспитува млад човек, вели Дарко Давидовски.

Нашите соговорници велат дека стануваат реткост наставниците кои комбинираат настава и воспитување.

-Не можеме да бидеме задоволни со тоа како ни ги воспитуваат децата. Јасно е дека тоа се добива во кругот на семејството кое не му посветува доволно време на детето. Но, за тоа се важни и наставниците, а тие не се сите исти. Син ми кажуваше како наставник по математика во гимназијата „Корчагин“ на почетокот на часот прво им зборува за филмови, книги, настани од животот што се интересни и од кои треба да извлечат поуки, а потоа учат математика. Такви наставници има малку, ни вели скопјанката Валентина Стојановска.

Од друга страна пак, наставници велат дека многу од сегашните генерации на ученици се ептен испуштени од родителската контрола.

-Бев сведок како ученик со клоци ја удира вратата од училницата и значително ја оштетува. Му кажав дека тоа е невоспитано однесување и дека ќе сноси одговорност и ќе треба да плати за поправката. Тој самоуверено ми кажа дека „За ќеифот што си го направив ќе платам колку што треба“. И ме потсети чиј внук е, ни вели наставничка од скопско основно училиште која сакаше да остане анонимна.

Сето тоа се случува во училиштата во кои што децата треба и да се воспитуваат. А примери за несоодветно однесување на младите потоа има и надвор од школите. Доволно е да се види однесувањето во јавниот превоз, во кафулињата, други јавни места каде до израз доаѓа и агресивноста па се случуваат тепачки и други инциденти. Сето тоа е доволно да се запрашаме каде се потфрлува во воспитувањето на младите генерации во училиштата.

– Се’ се сведува на нарушениот авторитет и на наставникот и на родителот. Децата на 21-от век умеат да препознаат слабост во своја ,,корист”. Во трка по пари и материјални вредности родителите го губат тлото во воспитниот елемент. Важни им се и петките., и многу често имаме ученици со петки, ама со нарушено поведение. Родителите, за жал, се задоволни со тоа. Важно станува тоа што дете уште во прво одделение знае англиски јазик а не тоа што при проштеката го клоца татко си, потенцира професорка Милка Тримчевска, во ОУ „Браќа Рамиз и Хамид“ која пред две години беше најдобар просветен работник во Скопје.

И новиот закон не го потенцира воспитанието
За наш соговорник, новиот Закон за основно образование посветил малку внимание на воспитнието.
– Само во делот за целите на основното образование се наведува дека една од целите му е воспитување за почитување на различностите, соработка, основните човекови слободи и права. Од учениците се бара да се придржуваат до куќниот ред во училиштата и има предвидени дисциплински мерки. На часови по одделенска заедница е предвидено да се зборува за содржини за личниот и соц-емоционалниот развој на учениците и толку. Тоа е сепак недоволно да се потенцира значењето на воспитанието, ни прокоментира скопјанецот Илија Стојановски.

Целиот текст може да го прочитате во бесплатниот неделник СКОПСКО ЕХО