Шаторите одат на одмор, бараките остануваат на готовс пред Инфективна

Монтажната болница во бараки кај Инфективната клиника во наредниов период ќе биде единствен дополнителен капацитет за болните од корона вирусот при ова болничка установа. Од неодамна, демонтирана е мобилната шаторска болница на АРМ која што беше прва подигната во периодот кога се очекуваше пикот на заболувањата. За среќа не се јави потребата нејзините 130 легла да прифатат пациенти, па сега надлежните решија да ја поштедат од оштетувањата во летниот период.

-Шаторите од Армијата, тоа беше модел, капацитет, што најбрзо можевме да го имаме на располагање. За среќа во ниеден момент не ни требаше. Во меѓувреме со швајцарската донација се поставија бараките и тие се сега сосема доволен дополнителен капацитет што е планирано да го користиме и за друга намена кога нема да има пациенти. Шаторите беа само изложени на време и ризик да бидат оштетени. Така што, тоа е причината зашто се демонтираат, објасни министерот за здравство Венко Филипче.

На просторот кај Инфективната клиника во поставените бараки на располагање има 12 соби со по шест кревети, односно 72 легла. Сите соби се со соодветен приклучок за да може да бидат трансформирани во кревети за интензивна нега.

Истовремено, на тој простор сега се во тек градежните активности за поправка на пристапниот пат по улица „Белградска“. Се прави потпорен ѕид, а потоа ќе се пристапи и кон поставувањето на новата асфалтна подлога.

Дали натаможниот развој на состојбата со ширењето на корона вирусот во Македонија ќе им даде за право на надлежните за вакво намалување на болничките капацитети на овој простор останува да се види. Податоците за новозаболените во изминативе денови покажуваат дека бројките и натаму не се мали и дека вирусот и натаму се шири. Заради тоа, демонтираната армиска болница ќе мора да стои на „готовс“ и во наредниот период.