Шекеринска за заканата на Каракачанов: Таква комуникација не доликува на земји-членки на НАТО

Поминало времето кога министри за одбрана во регонов даваат изјави, како таа што ја изнесе бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, а некој да ги смета за сериозни и таквиот начин на комуникација не доликува на земји-членки на НАТО, оцени денеска Радмила Шекеринска, министер за одбрана. Таа реагира на изјавата на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов со која тој најави дека ќе прати инжењерски полк во Македонија  со задача да ги отстрани македонските споменици на кои пишува„бугарски фашистички окупатор“.

 – Македонскиот јазик, македонскиот народ се реалност и ниту едни политички преговори, ниту политички препукувања нема да ја сменат таа реалност. Меѓутоа можеме да направиме подобра иднина за нашите народи и да создадеме повеќе шанси за нашите млади. Ние така ја гледаме нашата задача, изјави Шекеринска.

Таа потенцира дека ќе продолжи да ги испраќа истите пораки што се испраќани изминатите години, а тоа, како што подвлече, дека „нашите граѓани не плаќаат и очекуваат да им обезбедиме безбедност, а таа безбедност зависи од добрососедските односи”.

–  И затоа очекуваме Бугарија, која беше една од државите во регионот, која од самиот почеток ја поддржа нашата независност, но и нашето членство во НАТО и во ЕУ, тоа да го прави и сега, бидејќи пријателските народи македонскиот и бугарскиот можат да одат напред само ако меѓусебно се поддржуваат, рече министерката за одбрана Шекеринска.

Сепак, и по денешната изјава на македонската министерка остана недоречено- поминаа неколку дена од овој настап на министерот за одбрана на Бугарија и вицепремиер, ќе побара ли од него некакво објаснување македонскиот колега- Радмила Шеќеринска? Дали Владата барем ќе побара  објаснување од официјална Софија за изјавата на нивниот министер?

Добрососедството е важен приоритет на Македонија, но тоа се гради и ако им се укаже на оние кои го поткопуваат. Дефинитивно изјави како таа на Каракачанов не стимулира добрососедство.

Претходна вестЛевица: За бизнисите на Заеви и Русија е алтернатива
Следна вестОпозицијата бара надзорна расправа во Собранието за Еуростандард банка