Шест кандидати во трка за ректор на УКИМ, гласаат 1.419 професори, асистенти и студенти

На 28 факултети и институти во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје денеска ќе се спроведат избори за ректор.

Во трката за прв човек на најголемиот и најстариот македонски универзитет се шест кандидати: проф. д-р Биљана Ангелова, од Економскиот институт, проф. д-р Горан Ајдински, од Филозофскиот факултет, проф. д-р Ратко Дуев, од Филозофскиот факултет, проф. д-р Атанас Кочов од Машинскиот факултет, проф. д-р Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии и проф. д-р Димитар Ташковски од Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје.

Гласањето ќе се спроведе во периодот од 12 до 14 часот, а во избирачкиот список на УКИМ, утврден од Универзитетската изборна комисија запишани се 1.419 лица со право на глас, меѓу нив редовни и вонредни професори, асистенти, доценти и студенти на факултетите.

Според роковникот за избор на ректор на УКИМ, резултатите од тајното гласање треба да бидат објавени до крајот на денов, а во следните три работни дена кандидатите ќе имаат можност и да поднесат приговор. Доколку има потреба од прегласување, тоа ќе биде спроведено на 9 јуни, а конечните резултати од изборите треба да бидат соопштени на 15 јуни.

Мандатот на новиот ректор на УКИМ ќе започне на 16 септември, со почетокот на новата академска година и ќе трае до 15 септември 2026 година. Новиот ректор треба да го наследи проф. д-р Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, кој ја вршеше оваа функција во два мандата и повеќе нема право да се кандидира.

Претходна вестСДСМ: Скопје е пред банкрот, ВМРО-ДПМНЕ да одговори каде се парите?
Следна вестВо северно Косово ноќта помина мирно