Шилегов, батали го загадувањето-доцна е, сега гледај среди ги комарците и прскањето

Борбата против загадувањето почна доцна, инаку ќе се средеше. Вака се шегуваат скопјани на своја сметка, споменувајки го секогаш присутното доцно реагирање од страна на градските институции. Се сеќавате… лани, исто така доцна почна и борбата со комарците. И нормално, комарците направија масакар низ Скопје. Затоа сигурни сме, речиси никој од граѓаните годинава не сака да се повтори ситуацијата од лани врзана за задоцнетото прскање против комарците. Тогаш, се почна со лошо спроведената тендерска постапка од страна на градските власти…
– Шилегов да го батали загадувањето, тоа еве полека си замина, нека гледа сега комарците да не не испокасаат летово. Нека си се подготви на време, нека има вистински реагенси и вистински авиони и нека почне во вистинско време со прскањето. Лани утна, сега да не биде така, бара карпошовката Софија Ј.
Предупредувања граѓаните ги упатуваат токму во овој претпролетен период кога градските власти треба да направат се за да се завршат сите работи околу набавката на препаратите за прскање против комарците. Укажувањето е да не се губи драгоцено време туку сите правни процедури да завршат на време. Лани, иако процедурата за набавка на хемиското средство за прскање започна на 19-ти февруари тоа се искомплицира. Причина беше жалбата со која се тврдеше дека избраниот препарат е штетен за граѓаните. Заради тоа тендерот беше повлечен, а потоа следеа проверките… и прскањето не се изврши во најважната фаза кога се полагаат ларвите на комарците.
-Сега е вистинско време сето тоа да заврши познавајќи го нашиот јавашлак. Јас и лани, цела пролет и лето, предупредував за тоа дека треба да се преземаат мерки и за комарците и за загадувањето оти после ќе биде доцна. И поразителниот резултат се случи. За вакви работи и ние граѓани мора да бидеме упорни оти само со тоа и со граѓански притисок нешто ќе се смени, ни рече скопјанката Софија Петровиќ.
Вообичаено, првите прскања против комарците на подрачјето на градот се прават на почетокот на јуни. Инаку, Градоначалникот Шилегов во тој период даде објаснување дека и временските прилики придонеле за интензивното размножување на комарците.

Дојде животот за комарците
Постојаното пролонгирање на прскањето и маките кои скопјани ги имаа со овие инсекти предизвикаа и бројни коментари на социјалните мрежи насочени најмногу против градоначалникот Петре Шилегов.
„Едно општество за сите, секој има право на живот па и комарците“, „Скопје се чеша“, , Ако ги истреби комарците ќе го обвините за геноцид“.

Невидливите авиони на градоначалникот
За да се оправадаат сопствените пропусти, од Град Скопје дури и не убедуваа дека авиони наутро прскаат, ама скопјани не ги слушнале и виделе. Затоа и имаше вакви реакции од скопјани:„Авионите на Шилегов се како и неговиот мандат – невидливи, никаде ги нема“, „Шилегов измисли и невидливи авиони“.
Шегобијците дури му направија на градоначалникот и фотомонтажа како да е комарец.