Шилегов и држи лекција на инспекторка, а и ВМРО-ДПМНЕ не го поштеди

Дали вадењето на песок и камења од речното корито е редовно чистење или експлоатација за која е потребна посебна дозвола, е дилема која ги конфронтира скопскиот градоначалник Петре Шилегов и Инспекторатот на Министерството за животна средина? Проблемот се јави деновиве кога со две градежни машини почна чистењето на коритото на Вардар во населбата Ќерамидница, до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Граѓаните кои живеат во близина реагираа на вадењето на песокот и камењата од направениот остров сметајќи дека тој ќе се користи за градежни работи од нечија страна и со што се поткопува коритото. По ова, следеше интервенција на Инспекторатот за животна средина кој издаде забрана за копање. Инспекторката се повикала на член 142 од Законот за води кој вели  дека вадење на песок, чакал и камен од коритата и бреговите се врши врз основа на дозвола.

На ова денеска реагираше скопскиот градоначалник

Чистењето на коритото на Вардар е законска обврска на Град Скопје и за вакви активности не е потребна дозвола од никого. Ќе бев многу посреќен истата инспекторка што шири дезинформации да го спречеше поставувањето на бродовите во коритото на Вардар. Тогаш беше нем сведок на лудилото што се случи во нашиот град. За да се постави брод во речното корито потребна е дозвола, а таа тогаш ја дала. Ако истата госпоѓа дала дозвола да става бродови, а сега прави проблем дека чистиме остров, јасно ви е за кого станува збор – рече Шилегов.

Инаку, тој посочил и дека отстранувањето на галиите во Вардар ќе го чини градот од 6 до 7 милиони евра.

–Кога ќе се заплени имотот на ВМРО-ДПМНЕ, најбогатата партија во Европа и ќе се продаде, дел од парите ќе ги искористиме да ги отстраниме бродовите, потенцирал Шилегов.

Дали ќе му одговори инспекторката засега е неизвесно. Одговор од ВМРО-ДПМНЕ сигурно наскоро ќе дојде.