Еден дел од скопјани уште во четвртокот го напуштија градот за да го избегнат долгиот полицискиот час. Меѓу нив да ти бил и Петре Шилегов, градоначалникот на Скопје. Тој ја здувнал за Маврово, додека неговите сограѓани остануваат во 80-часовен полициски час.
Градоначалникот за „ТВ 24“ потврдил дека е на својот имот во Маврово, кој го сметал за свој дом.
На ова реагираат скопјани на социјалните мрежи. Не можат да разберат и прифатат дека градскиот татко кога на Скопје и скопјани им е тешко го напуштил градот.
Сепак, не треба да му се земе за зло овој негов потег. Шилегов сигурно и во Маврово цело време мисли на Скопје и скопјани. Сигурно прави планови како да ја направи Универзална сала, тунелот под Кале, како да го реши проблемот со кучињата скитници, гасификација, продолжување на „Илинденска“ и „Љубљанска“ со мостови на Вардар, спуштена крстосница кај „Мавровка“, кружен тек во Сарај, исчистен воздух, зелени згради, Луна-парк, езеро Треска, централен комунален сервис…
Е, затоа не е добро што некои скопјани дури и напишаа дека Шилегов и не мора да се врати од Маврово. Тој многу работи ќе направи кога ќе се врати. А да не зборуваме колку нови работи ќе вети.