Шилегов најави соодветен пристап до спомен-плочата на Мајка Тереза

Соодветен поплочен пристап ќе направиме до спомен – обележјето на Мајка Тереза, најави денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Неговата изјава доаѓа по бројни иронични реакции во јавноста откако вчера на зелената површина пред обележјето прво беа поставени неколку плочки кои претставуваа импровизирана патека. Овие плочки потоа преку ноќ беа од некого тргнати.

-Ќе излеземе во пресрет и на барањета на Здруженијата за заштита на ликот и делото на Мајка Тереза да имаат непречен поплочен пристап до спомен обележјето. Со службите во Градот констатиравме дека нема употреба на јавни средства ако расходована опрема која што била на плоштадот, а која што била извадена и се наоѓа во магацините на „Улици и патишта“, и се води како расходована не претставува трошење на јавни пари во приватен имот. Одлучивме дека можеме по основ на тоа да направиме соодветен пристап до спомен обележјето каде се наоѓала куќата на Мајка Тереза. Во текот на денешниот ден ќе биде поставено, рече Шилегов.

Тој додаде дека поважно е прашањето, како се дозволило некој да го продаде плоштадот на Град Скопје, односно локацијата каде што се наоѓа спомен плочата на Мајка Тереза. Односно, тоа што таму требаше да постои зграда над 20 метри.