Шилегов очекувал повеќе луѓе, не се знае дали е соборен гинисовиот рекорд

Се уште не е сигурно дали скопјани ја направија гинисовата елка. Имено, денеска околу 4.000 луѓе на Плоштадот „Македонија“ се приклучија на обидот за поставување нов Гинисов рекорд за најголема новогодишна елка во светот направена од луѓе.

-Направени се снимките, тие ќе бидат испратени и деновиве ќе очекуваме известување дали е соборен Гинисовиот рекорд. Ние очекувавме околу 5.500 луѓе, не успеавме да ја доловиме таа бројка, но имаше околу 4.000 луѓе што е блиску до рекордот од 4.030 учесници и треба да почекаме официјално да видиме дали е срушен рекордот. Верувам дека доколку ова биде рекорд, на сите што беа учесници ќе им претставува убав спомен во нивните животи, изјави градоначалникот Петре Шилегов.

Се надеваме дека наскоро ќе го знаеме конечниот резултат, а се надеваме дека градоначалникот Шилегов ќе изанализира и зошто не успеа да собере околу 5.500 луѓе, како што очекуваше, иако подготовките и најавите траеја долго.

Инаку, најголемата елка од луѓе според Гинис е направена во Индија, во 2015 година, со 4.030 учесници.