Шилегов повтори: поради празнична атмосфера да се смени датумот на Божик

Градоначалникот Шилегов пак повтори дека Божик треба да се слави пред Нова Година. Негативните реакции во јавноста не го премислија скопскиот градоначалник во однос на неговата завчерашна изјава дека Божик би требало да се слави на 25-ти декември заради празничната атмосфера во населбата „Виндерленд“ во центарот на градот. Тој денеска изјави дека останува на таков став бидејќи било нелогично што само Македонија, Србија и Русија слават Божик на 7 јануари.

-Мене ми е сеедно кога ќе се слави Божик, ама ако сакате да има празнична, новогодишна атмосфера, тогаш нека го преместат. Не ми е јасно како може да има божикен пост, а да се слави Нова година, рече скопскиот градоначалник.

Ваквиот став вчера предизвика бројни реакции кај граѓаните кои во најголем дел се противат на менувањето на традицијата на прославувањето на денот кога се родил Исус Христос.

-Разбирам дека сакаме да следиме трендови, но сепак треба да ја почитуваме нашата вера. Ниедна причина, па ниту „Винтерленд“ или нешто друго не може да промени нешто што се слави со векови наназад, ни рече скопјанката Даниела Стаматовска.

Традицијата кај верниците била причина што Македонска православна црква не ја активирала веќе донесената одлука во 1969 година Божик да се слави на 25 декември. МПЦ и сега не планира да го помести празнувањето за 13 дена нанапред.

-Некои цркви го смениле празнувањето на Божиќ и го слават во декември, а Велигден го празнуваат по стариот календар, заедно со нас, а што нема логика. Во случај на поместувањето на Божик  би се поместиле и сите други празници за 13 дена понапред. Така на пример, Петровден не би бил на 12-ти јули туку на 28-ми јуни. Потоа, Илинден наместо на 2-ри август би се преместил на 19 јули, а Василица од 14 јануари на Нова година, пред извесно време објаснуваа во МПЦ.