Македонскиот фудбалски шампион Шкендија го постигна еден од најголемите успеси во својата историја, откако стана само вториот тим од независна Македонија кој обезбедил пласман во европскиот лигашки дел. Тетовци вечерва триумфираа и на гостински терен против романскиот ФЦСБ, славејќи со 1-2 во Букурешт, со што го заверија својот билет за есенскиот дел од европските натпреварувања.
Натпреварот започна динамично, а домаќините први се заканија уште во 10. минута. Новото засилување на ФЦСБ, Бирлигеа, упати удар со глава од непосредна близина, но топката замина над голот на македонскиот голман Гаје.
Само четири минути подоцна, и Шкендија возврати. По брза полуконтра, Бесарт Ибраими се најде во солидна позиција, но за малку не ја затресе мрежата на романскиот тим.
Следуваше период со неколку полушанси на двете страни, а во 28. минута ФЦСБ дојде до водство од 1-0 со погодок на Чисоти. Но, одговорот на Шкендија беше брз и ефикасен – само пет минути подоцна, Љатифи најдобро се снајде во гужвата во шеснаесетникот и израмни на 1-1, со што тетовци повторно поведоа во вкупниот резултат од двомечот.
Во второто полувреме, Шкендија доминираше на теренот. Со дисциплинирана игра и повеќе конкретни обиди, дојдоа до целосен пресврт. Во 87. минута, Ване Крстевски го постигна победничкиот гол за 1-2 и го потврди историскиот успех.
Во следната фаза – третото квалификациско коло – Шкендија ќе се соочи со силниот Карабаг од Азербејџан, но веќе има гарантирана европска есен во некое од трите натпреварувања на УЕФА.




