Штета што коњите не можат да зборуваат, ќе ни кажеа колку некои луѓе и институции се фини

На најголемите жештини, коњите се приморани да влечат тешки запрежни коли низ Скопје по цел ден. Неколку животни умреа од преголем напор. Но, и тоа не ги натера институциите конкретно да реагираат. Не се реагира и на парадоксот дека во европска метропола се уште крстарат запрежни коли

Сликата на запрежните коли натоварени со најразличен отпад, пластични шишиња, картони, стари шпорети… кои ги влечат изнемоштените коњи одамна е одомакинета на скопските улици. Речиси да нема помалку или повеќе прометна улица, булевар по кои тие не се движат. Но, ова не е единствен проблем врзан за парадоксот во кој Скопје е метропола по која крстарат запрежните коли. Се чини поголем проблем е што со коњите кои ги влечат тие коли се постапува многу сурово. Не само што се исцрпуваат со целодневно влечење на тешко натоварената запрежна кола туку нивните сопственици постојано ги удираат со стапови за да не запрат.

-Деновиве пред мои очи видов како безмилосно удираат еден коњ кој беше впрегнат. Колата беше натоварена со многу работи и премореното животно веќе немаше сила да влече. Газдата го удираше силно, а коњот одвај одеше, во еден момент почна да ја крева главата нагоре што е знак дека веќе нема сила. Не знам што се случи понатаму, дали животното издржало или паднало од исцрпеност, ни рече Никола Д. жител на општина Аеродром.

Неодамна јавноста беше згрозена од колабирањата на неколку коњи кои потоа и угинаа на улиците. Имаше дури три такви случаи на Кејот, во населбата Скопје Север и во централното градско подрачје. На фотографиите споделени на социјалните мрежи се гледаа исцрпените животни кои очигледно биле малтретирани. И тогаш во јавноста се појавија бројни реакции и коментари со кои се бараше да се стави крај на ваквото измачување на овие животни. Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ побара повеќе мерки за заштита на коњите. Се бара воведување на забрана за движење на влечни коли во урбаните средини, итно одземање на коњи ако се стари и болни, обештетување на сопствениците со соодветно превозно средство… Меѓутоа, оттогаш до сега ништо не е сменето во тој поглед.

– Срамно е и нечовечки да се искористуваат животни од секаков вид за потребите на човекот. Во ова време кога има толку замени за се, за конкретниот проблем разно разни превозни средства, не е во ред, нити етички, нити европски, да имаме запрежни коли по улиците. Државата треба да ги казнува тие луѓе, да излезат на терен, и да воведе законска забрана за користење на животните за таа намена, а да им субвенционира некој друг вид на превозни средства, електрични мотори, точаци, или евтини автомобили, смета Јована Трајкоска од Скопје.

Собирачите на отпад пак велат дека впрегнатите коњи во запрежни коли им се единствен начин да соберат секундарни суровини од чија продажба си живеат.

-Немам пари да купам мотор со приколка или стара кола. За нив треба и бензин, регистрација, технички прегледи… од каде да најдам толку пари. Коњот ми е најефтин, ни рече лице кое раководеше со една запрежна кола.

Скопјанката Биљана Симеонова, пак, ни раскажа дека била сведок како коњот бил врзан за колата на газдата по која морал да трча.

– Јас би го одземала од нив животното, доколку може, би ги казнила. Многумина ќе речат нема што да им се земе на тие луѓе, нема како да се наплати казна и затоа и ги користат коњите. Но, ако земаат социјална помош би ги условила со неа и би им ја укинала ако го измачуваат животното, потенцира таа.

Очигледно, проблемот се уште ќе чека на свое решавање. Тоа значи дека граѓаните наскоро повторно можат да се шокираат од сликите на колабиран и загинат коњ на најпрометните булевари…

Треба да влечат само по два-три часа дневно
Коњите би требало да се оптоваруваат со напорна работа каква што е влечење на тешка кола само по два-три часа дневно, објаснуваат ветеринарите. По тоа би требало да примаат витамини, да се хранат со протеини. Наместо тоа, тие влечат по цел ден а во меѓувреме се хранат само со тревата која не може да им ја врати силата. Со тоа постепено се исцрпуваат до смрт.