Што би му кажал Гоце Делчев сега на Ковачевски?

Тешки денови за Македонија. Всушност  две – три децении е тешко, ама сега македонството е максимално притиснато од надвор и за жал од внатре. Франција ни прати „катиљ ферман“ кој е завиткан во обланда дека конечно ќе добиеме датум за преговори со ЕУ. А всушност тоа е датум кога ќе почнат да ни се даваат многу датуми на кои Бугарија ќе наредува на Скопје што треба да направи. Македонската Влада наместо веќе да кажеше – НЕ за таков предлог и ДА за демократска и правична ЕУ, таа уште тактизира.

Премиерот Ковачевски ги има ли научено лекциите од подалечната историја, но и онаа која ни се случуваше во време на владеењето на неговиот претходник? Лекциите не се тешки (иако се болни по Македонија), но само ако се сака да се научат.

Под силен удар се корените на македонската нација. Ваквата состојба бара општествена будност и мудрост. Македонија имала многу мудри луѓе низ историјата. Учат ли доволно Ковачевски и претседателот Пендаровски од нив?

Што би им кажал сега великанот Гоце Делчев да може да ги сретне? Впрочем тој кажувал на времето, други запишале, а сегашниве функционери само треба да прочитаат и практикуваат:

Делото на ослободувањето на еден народ, е пред сè негово сопствено дело, на неговите сопствени раце   

Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа…

Македонија има свои интереси и своја политика. Тие им припаѓаат на сите Македонци. Оној што сака да работи на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета за добар Бугарин, Грк или Србин, но не и за добар Македонец

Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?     

Да ја чуваме чистотата на ослободителното движење и Организацијата, тоа е првиот услов за нашиот успех. Ако тоа не го направиме, Македонија ќе падне под некоја од балканските држави, или ќе биде разделена помеѓу нив…

Ептен добри лекции. Доволни се, за секој кој е Македонец.