Што ги спречува сите градоначалници да отворат по една „Лајка“?

Во доцните попладневни часови, вчера, градоначалниците на Аеродром и на Скопје, Златко Марин и Петре Шилегов, закажаа средба со граѓани на која според агендата, требале да разговараат за потребите на аеродромци. Но, одеднаш меѓу луѓето се втури група активисти за заштита на правата на кучињата и бездомните животни, кренаа транспаренти со написи „Можевме со секири, наместо со транспаренти“, „Не за убиства“, и му поставија неколку прашања на Шилегов. Адресирани беа и до Марин секако. Но градскиот татко одговараше повеќе.
-Дали ќе седите мирни додека психопат шета по скопските улици, убива животни и расфрла отрови во близина на училишта и детски градинки? Што ќе преземете како прв човек на градот, бидејќи не се чувствуваат безбедни, не само кучињата туку и жителите на градот?, праша активистка.
Шилегов одговори дека „не може да превенира или спречи ако некој е луд и врши убиства, ама и дека за прв пат имало отворено постапка во МВР во одделението за крвни деликти за убивање куче“.
Во меѓувреме, додека оваа герила акција се случуваше, во статистиката на СВР Скопје беше впишан уште еден случај на напад и каснување од куче скитник. Имено, 35- годишната М.С.П. од Скопје пријавила дека на улица „Мајка Тереза“ била касната од куче скитник во пределот на левата нога.
По грозоморното убиство на двете кучиња и новите статистики за каснувања, повеќе од јасно е дека реновираниот стационар Вардариште што треба да се отвори под ново име „Лајка“, по се изгледа на почетокот од октомври (ако се држат до зборот) – нема да е решение на проблемот. Неопходни се повеќе, како неколку клучни скопски пункта.
Тогаш, што ги спречува и што чекаат сите градоначалници во одделните општини да отворат по една „Лајка“?