Што и кажал Ден Дончев на полицијата? Што ќе преземе обвинителството?

Што кажал поранешниот директот на ФЗОМ Ден Дончев во полициската станица каде беше повикан на информативен разговор? Засега ова останува непознато.

Но, во гостување на ТВ Канал 5, министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, изјави дека Основното јавно обвинителство е на ред да одлучи дали ќе постапи против поранешниот директор.

-Податоците и информациите кој тој ги изнел за време на разговорот ќе бидат доставени во форма на известување до ОЈО и понатамошното постапување ќе зависи од насоките кои ќе бидат дадени од нивна страна, вели Чулев.

За потсетување пред некој ден беа објавени „бомби“ кои го таргетираат-односно во нив главна улога има екс директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев, кој како човек од доверба на Зоран Заев, беше поставен на таа функција. Бомбите се состојат од разговори и снимки, поточно на канал на Јутјуб се објавени три снимени разговори и едно видео без тон.

На видеото се гледа како Дончев става во торба купче на пари, а на аудио-снимките се слушаат разговори поврзани со продажба-сопствеништво на фирма каде било издејствувано да интервенира полиција. Се споменуваат имињата на Заев, обвинителката Вилма, адвокатот Медарски и директорот на финансиското разузнавање.

Инаку, Ден Дончев неодамна ненадејно поднесе оставка од позицијата директор на ФЗОМ. Беше соопштено дека тоа е поради семејно-здравствени причини.