Што ќе каже Маричиќ во Брисел за македонската наука, какви експерти развива Владата?

На сите фанфари се разгласува денеска дека ќе има нов скриниг во Брисел. Тоа била денешната агенда на вицепремиерот Бојан Маричиќ и на неговите соработници во престолнината на ЕУ. Таму треба да започне билатералниот скрининг состанок за Поглавје 25, „Наука и истражување“ од третиот кластер, „Конкурентност и инклузивен раст“.

Што ли Маричиќ ќе каже околу ова? Како ќе не пофали пред евробирократите?

Од Секретаријатот за европски прашања најавуваат дека тој процес оди без проблеми.

-Скрининг процесот се одвива непречено. Скоро сме на половина од неговата реализација, а според утврдениот календар, треба да заврши до крајот на ноември. Објаснувачкиот и билатералниот скрининг се комплетно завршени за два клучни кластера: Кластерот 1, „Темелни вредности“ и Кластер 2, „Внатрешен пазар“. Во тек е билатералниот скрининг за третиот кластер, „Конкурентност и инклузивен раст“, за кој веќе е завршен објаснувачкиот скрининг. Паралелно го затворивме и објаснувачкиот скрининг за четвртиот кластер, „Зелена агенда и транспортна политика, соопштуваат од Секретаријат за европски прашања.

Е, ама што ќе биде ако евробирократите ги прашаат во какви услови работат  македонските научници, па околу издвојувањата кои ги прави државата за ова важна дејсност? 

Дали, на пример, вицепремиерот ќе го наведе истражувањето коешто покажало дека во последните десетина години паричните вложувања за развој на науката во Македонија постојано опаѓаат? Односно, дека издвојувањата од само 268 милиони денари за оваа година се најниски во последниве 10 години иако државниот Буџет секоја година се зголемува. На пример, во 2014 година за наука биле издвоени 0,44 проценти од вкупниот државен Буџет, лани само 0,15 отсто, а за годинава се предвидени уште помлаку – само  0,08 проценти!

„Владата е посветена на развојот на науката…“ ова ќе биде најверојатниот вицепремиерски одговор во ЕУ. А ако треба нешто поконкретно да се каже не е лошо да спомене дека власта секое потпишување на скапи договори со народни пари го разви во цела наука. Многумина се врвни експерти.

Инаку, се најавува дека Маричиќ ќе се сретне и со директорката за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Микела Матуела, како и со Сајмон Мордју, советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.

На тие средби најверојатно повеќе ќе слуша, отколку што ќе кажува.

Претходна вестПрестана да се печати 320-годишен дневен весник
Следна вестДачиќ во ООН: Независноста на Косово доведе до сериозни турбуленции во меѓународните односи и поделби меѓу земјите