Утре ќе почне новата учебна година. Ќе биде ли подобра од ланската која помина во хаотичен период?
Ученици кои ги немаат сите учебници, споени и измешани наставни содржини и предмети, наставници коишто се закануваат со штрајкови, недоопремени кабинети, недоработена реформа… сето ова и на почетокот на новата учебна година ќе биде реалност во македонското образование. Долгогодишните проблеми кои го оптоваруваат никако да се разрешат – а имаа време и имаат многу вработени кои се дебело платени за конечно да го средат хаосот во македонското образование.
И ланската учебна година, како и претходните, си ги покажа сите слабости – ученици коишто се функционално неписмени, кои на тестирањата се меѓу последните во поширокиот регион, кои не знаат креативно да размислуваат, немотивирани наставници, учебници полни со скандалозни грешки и кои често се менуваат и никако да се испорачат на време.
Со ваквите проблеми, очигледно, ќе стартува и новата учебна година. А таа ќе биде веќе трета година по ред во која ќе се применува новата концепција за основното образование.
На ред, за средување, сега се учениците од трето и шесто одделение, откако претходно се применуваше во прво и четврто и второ и петто оддление. Со таа разлика што сега почнува најкомплицираниот дел од реформата – спојување на повеќе предмети во еден. Па така, од наставата ќе се исфралат наставните предмети: Историја, Географија, Физика, Хемија, Биологија, а наместо тие предмети, учениците ќе изучуваат нови два наставни предмети: предметот Природни науки и предметот Историја и општество…
Тука веќе настануваат проблеми бидјеќи наставниците се жалат и предупредуваат дека замисленото тешко може да се оствари, дека учебниците не се добри, дека наставните програми не може да се спроведат… Но, оние коишто ја правеа новата концепција не го слушаа аргументираните предупредувања дека реформата се прави на брзина, погрешно, дека се слушаат само мислењата на истомислениците…
Пак ли се ќе биде тешка импровизација? Пак ли наставниците ќе се снаоѓаат како знаат и умеат, пак ли родителите…?
Од друга страна, веќе се најавуваат и штрајкови заради малите плати, прекини во наставата, кои, сигурно, дополнитлено ќе остават последици и ќе донесат лошите знаења на учениците.
А утре првачињата кои се иднината на Македонија ќе го почнат своето образование. Тоа е голема радост, ама…