Што се случи со истрагата за грантовите на Фондот за иновации?

Пред околу осум месеци полициските екипи влегоа во просториите на Фондот за иновации и технолошки развој откако избувна скандалот со доделувањето на грантовите тешки 10,5 милиони евра на 80 компании во земјава. Јавноста се скандализира од сознанијата дека парите биле доделувани на компаниите чии сопственици или косопственици се јавни личности, функционери на СДСМ и нивни роднини, но и медиуми блиски до власта. А не се работеше за мали пари бидејќи грантовите изнесуваа од 160.000 па дури и до 330.000 евра.
Имало добри причини за почеток на истрагата која што ја покренало Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал по основ на „допрен глас“ во јавноста. Сигурно, материјалите за тоа кому се и на каков начин му се доделени парите од граѓаните се најдени при претресот во просториите на Фондот. Оттогаш е поминато доволно време за јавноста да дознае до какви сознанија дојде истрагата и дали за тоа некој ќе биде повикан на одговорност. Околноста дека некои функционери и фирми се откажале од грантовите не може да биде причина истрагата да не утврди дали и како некој се обидел да ги злоупотреби државните пари.
Затоа, скопјани и со нетрпение го чекаат резултатот од истрагата.
До кога ќе чекаат?