Што се случи во Охис: „мал инцидент“ или „хаварија“ – кој ќе одговара?

„Се е средено“ – ваков впечаток би требало да добијат граѓаните откако речиси сите надлежни институции синоќа излегоа со соопштение дека високо токсичната течност што се излеа во „Охис“ е собрана и немало веќе никаква опасност. Имено, откако попладнето граѓаните пријавија дека имаат отежнато дишење и печење во очите, како и главоболки и гушење, тогаш надлежните побрзаа со соопштенија да објаснуваат што се случувало. Веднаш излезе на виделина дека интервенирала армијата чии припадници ја исчистиле високо токсичната течност од ОХИС, а се излеала додека се чистел резервоар во кој бил складиран отровниот метил акрилат мономер. Поради пукнат вентил, водата се излеала, ама според надлежните, не во почвата туку во бетонски заштитен базен.

На ниедна медиумска екипа не и беше дозволено да влезе во дворот на Охис, па однадвор можеа да се видат полициски возила и камионите на АРМ. И самите новинари кои известуваа пред влезот на капијата на фабриката кажуваа дека е тешко да се седи повеќе од неколку минути. Сепак надлежните останаа само на смирувачки соопштенија односно никој јавно не се појави да објасни. Единствено велат дека е „мал инцидент“. На ова жестоко реагираат од иницијативата за заштита на животната средина „О2“.

-6 тона течност и интервенција на АРМ, заедно со симптоми кај граѓаните до степен на гушење, според закон е „хаварија“, а не „мал инцидент“, велат од „О2“.

Од Државниот инспекторат за животна средина велат и дека правниот субјект, компанијата „Еко Центар 97“, која го чисти хемискиот отпад, била задолжена да работи цела ноќ на терен за да се преточи целата излеана течност. Соодветно да се спакува за потоа да се извезе во Швајцарија, каде хемискиот отпад треба да се согори.

Ваквите соопштенија не ги затвораат дилемите: зошто да интервенира АРМ ако токсичната течност се излеала во базен, а не во земјата, како и што се прави со водата од миењето на резервоарот во ваков случај? Каде оваа вода завршува? Дали некој ќе одговара и кога?