Што треба да и се случи на македонската јавност и држава

Колумна на Наташа КОТЛАР-ТРАЈКОВА:

Каква поза, каков став на европскиот претставник во нашата земја од Словенија! Зачудувачка ода за правда и за вредности!

Драги товариши, од времето кога вие од Северот извикувавте „Европа здај“ – за оние кои не разбираат словенечки јазик – „Европа сега“ изминаа 30 години. За ваша среќа, тоа е одамна исполнето, но за нас од медената и сончевата земја на Југот – Македонија, тоа е сè уште само перспектива, замаглена и нејасна.

И после три децении, на одредено општење, зачудува леснотијата со која вие од „дежелата“ (државата) зборувате за правдата, праведноста и неказнивоста, заради наша одредена верба кон овој систем, кој пак, надалеку е познат како „хибриден“ и неправеден. Звучи површно и навредливо кон нашето достоинство и поимање на одредени вредности. Бидејќи не така одамна, ја искусивме вашата северно-европска идеологија на однесување на „балкански начин“, со што Македонија е уништена како правна држава.

Нам, повеќе не ни се потребни формални чинови, во изведба на политички кловнови и подлизурковци. Не, не претерувам ова е резултат на животното искуство на исчекување и на агонија! Она што е потребно да се случи во македонската јавност и држава е востановување на нова филозофија во постоењето и однесувањето, поимањето и знаењето, вредностите и свеста,  разумот и умот, културата и јазикот. И секако, нови предводници – авангарда!

Накратко, она што ни е нам потребно е да бидеме трудољубиви и вредни членови на Татковината, односно, да бидеме она што треба да бидеме: чесни и свесни луѓе! Или како што вели една стара мудрост, напредокот на човештвото, а во нашиот случај на општеството, се случува само тогаш, кога одредени луѓе, одлучиле да бидат поинакви. Конкретно, во однос на работата и создавањето, политичката култура, напредокот и правичноста, семејството и традициите, достоинството на народ.

Сè друго би било нецелисходно, мистификација, имитација и пропаѓање на народот и на системот.