Штом Македонија не манифестира црвени линии, уцените и притисоците врз неа ќе немаат крај

Скопјани опоменуваат – фактурите за потпишаните договори почнаа да се испорачуваат

За жал притисоците врз Македонија од соседните земји не стивнуваат. А ни беше ветено од нашите министри дека само да се потпише договорот со Грција и Бугарија и готово, ќе живееме идилично со соседите. Но, она на што многумина напразно предупредуваа почна да се случува. Македонија на својот пат кон ЕУ почна да добива и конкретни услови, па дури и уцени. А тие доаѓаат токму од соседните земји – Бугарија и Грција со кои Македонија ги потпиша двата договора за да се надминат проблемите кои ги оптоваруваа односите. И во двата договора – Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција – Македонија попушти на многу полиња. Се сеќавате, нашите преговарачи често изјавуваа „немаме црвени линии“ и туркаа напред, само да се потпишер договор. Нашата дипломатија како да мислеше само на брзото добивање на датумот за почеток на преговорите, а дали ќе има последици од договорот, им беше второстепено.

Но во јуни немаше датум, па потоа тоа се пролонгира за јули, за да сега се очекува кон средината на октомври. Меѓутоа, и тоа сега станува неизвесно. Не се знае конечниот став на Франција и на Холандија кои летоска имаа забелешки, а сега на маса почнаа да доаѓаат и конкретни условувања од соседите.

Прва почна министерката за надворешни работи на Бугарија Захариева, а потоа и премиерот Борисов, па нивните европратеници, па вицепремиерот Каракачанов, па се до бугарскиот претседател Радев. Барањето им е на иста линија: македонската страна да си ја ревидира историјата…

– Се е ова последица на ужасното водење на дипломатијата од страна на власта, Македонија немаше црвени линии за ништо. Затоа сега сите странски држави очекуваат дека нашата земја има уште простор за отстапки и дека таа сигурно ќе попушти како и до сега, коментира аеродромецот Данчо.

За жал, Македонија и да добие датум за преговори, притисоците ќе продолжат цела деценија, односно додека траат преговорите. Може ли сегашниот дипломатски тим на Македонија да даде отпор-одговор на тоа?

И новиот грчки премиер веќе најави дека за него Преспанскиот договор е „екстремно проблематичен“ и дека ќе се борат за неговото „ублажување“.

– Нема да се откажеме од нашето право на вето за пристапувањето на соседната држава во ЕУ, е став на Мицотакис.

Излезе дека Македонија пак доби на увид нови црвени линии од соседите. А сето тоа е резултат што нашите претставници не ги поставија македонските црвени линии од кои нема да има отстапување. Ова ги револтира скопјани:

– Државни и национални црвени линии оваа Влада не може, а ниту пак сака да постави. Овие се инсталирани и се ќе продадат за пуста власт. Тоа со Бугарите е смешно, а за Преспанскиот договор да не разговараме. Кој паметен ќе потпише таков капитулантски договор, тоа е срам за сите нас, смета граѓанинот Зоран Јанев.

И Кирчо Анастасов смета дека нашите актуелни институции за надворешна политика се наоѓаат во хаос кога има притисоци и уцени.

-Видлив е нетранспарентниот начин на водење на надворешна политика на министерот за надворешни работи и високото ниво на конспирација на Владата кој е штетен за интересите на граѓаните. Но, носечка причина за зголемената изложеност на овие притисоци е неспособноста на политичките елити во изминатите 28 години да одржуваат проактивен актуелен и модерен пристап за афирмација на македонските т.н. црвени линии во контекст на регионалните и севкупните меѓународни односи, потенцира Анастасов.

Граѓаните, очигледно, се свесни што се случува и што во иднина може да следи. Изразуваат надеж дека меката дипломатија на Македонија ќе заврши.

Ќе увеземе ли нивни учебници?
Граѓаните сметаат дека чесно од соседите ќе беше доколку своите условувања ги кажаа уште во периодот на преговорите за двата договора.

-Зошто тогаш бугарските и грчките претставници не кажаа кои ќе им бидат барањата и уцените. Ако веќе тогаш премолчија, тогаш зошто очекуваат дека мора да бидат прифатени сите нивни ставови и барања. Ќе побарат ли потоа и да увезуваме нивни учебници по историја, оти така одат работите со нивните барања, смета скопјанката Вида Илиевска.