Со штрајк денеска започнаа обвинителите во сите 28 јавни обвинителства во Македонија и кој нема да запре се до исполнувањето на барањата.
Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ информира дека се бара зголемување на платите за 78 отсто и враќање на додатоците на плата во висина од 35 отсто.
-За време на одржување на штрајкот вработените во јавните обвинителства нема да работат ниту ќе бидат на своите работни места. Штрајкот ќе се спроведува во салите за состаноци на обвинителствата, холовите, заедничките простории или пред зградите на Јавните обвинителства. За време на штрајкот ќе се извршуваат единствено итните и неодложни работи, односно согласно законските прописи штрајкувачите ќе работат предмети во кој има само притвор, претрес или неодложни жалби, рече Деаноски.
Тој рече дека до сите политички партии во собранието е испратен амандман со кој се бара во ребалансот на буџетот да се предвидат средства за повисоки плати за вработените во обвинителствата.
Од Синдикалната организација при јавните обвинителства кое е во склоп на УПОЗ изјавија дека Владата сама го има предизвикано штрајкот.
-Платите кај нас се во просек 22 илјади денари, а револтот се јави, и Владата сама си го предизвика овој штрајк бидејќи разликата во плата дојде еден наспроти шест со сите функционери. Ние разбираме дека Уставен суд го одлучи сето тоа и дека тоа е законски. Меѓутоа, во истиот ден да ги скратиш додатоците на плата, кои за организиран криминал изнесуваа 35 отсто, што на 22 илјади не е малку пари, а за сите други е само пет отсто и тие ги скратија во истиот ден и не оставија само на плата. Додатоците се тоа што не прават нас специфична служба, односно тоа е додаток за посебни услови за работа и се она што не одделува од другите служби и заради тоа се јави уште поголем револт, соопштија оттаму.