Шумските пожари ги разбудија: бараат мерки да управуваат кризи

Неодамнешните шумски пожари што зафатија голем дел од Македонија, покажаа дека нашите институции слабо, некоординирано и понекогаш и несоодветно реагираат. Жртва на тоа беа шумите.

Зошто дојде до тоа? Зошто институциите покажуваат големи слабости?
На овие прашања конечно се осврна претседателот Пендаровски.

-Заклучокот од денешниот Совет за безбедност е, да и се предложи на Владата, во најкус можен рок да се формира работна група, која ќе ја согледа состојбата со системот за управување со кризи. Поточно, работната група да предложи конкретни мерки за овој систем за управување со кризи да биде пофункционален и поефикасен.

И после години и години расправи на таа тема, Советот за безбедност донесе заклучок да се предложат конкретни мерки.
Во меѓувреме, додека профункционираат мерките, останува сознанието дека пожарите уништија илјадници хектари шума, за која ќе биде потребно најмалку 50 години за да се обнови.

Се опустошија „белите дробови“ на најубавите планински предели во земјата – Берово, Пехчево, Делчево, Кочани, Битола, Гевгелија, Старо Негоричане…Само во Старо Негоричане во пожарите кои што беснееја неколку дена, изгореа 600 хектари шума.