Да, лично сум однел 10.000 евра кај премиерот Никола Груевски. За ВМРО-ДПМНЕ и индиректно сме донирале, за избори. Сме дале и на кошаркарскиот клуб МЗТ околу 70.000 евра. Требаше да платат некоја котизација за да не ги избришат од лигата и јас платив. Плативме не по наша иницијатива, туку по барање на одредени луѓе од партијата… Ова денеска беше изјава на битолскиот бизнисмен Силјан Мицевски кој како сведок се појави пред судот во случајот „Талир“.
Во овој случај со обвинение се товарат поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер Миле Јанакиески, партискиот генрелане секретар Кирил Божиновски и партијата ВМРО-ДПМНЕ за незаконско финансирање и перење пари од околу 5 милиони евра,. Мицевски опиша како бил рекетиран откако ќе добиел некој тендер.
–По наредба на премиерот или генералниот секретар на Владата се случувало да ми кажат: „Земете го тој и тој подизведувач“. Кирил Божиновски ми дал таква сугестија. Ми кажал на пример да го вклучам „Трансмет“ за ископ во Битола, истакна Мицевски
Тој додаде дека еднаш од Влатко Чинговски, кој беше директор на ЕЛЕМ, добил писмо и фактури за плаќање, а вториот пат од Кирил Божиновски, имало и други што доаѓале, седеа кај секретарката, не ги познаам сите. Барањата за спонзорства и плаќања, сведочеше Мицевски, се случувале во просториите на Владата, во РЕК кај генералниот директор и на други места.
По него сведочеше и Влатко Чинговски, поранешен директор на државната компанија ЕЛЕМ. Тој рече дека имал задача периодично на Кирил Божиновски да му предава лично на рака добро запакувани пратки со селотејп, за чија содржина не знаел.
-Моите средби со Божиновски делумно се одржуваа во Владата, а делумно во партијата. Средбите се сведуваа на оставање на спакуваната и залепена документација и куртоазен муабет, рече Чинговски.