Темен режим Режим на светлина

Сиљановска – Давкова: Гутереш изрази целосна поддршка и солидарност со нас

Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, изрази целосна солидарност со нас и целосна поддршка и обете ги врза за нашите демократски чекори, особено за способноста за менаџирање на меѓуетничките односи, изјави претседателката Гордана Сиљановска – Давкова по средбата со Гутереш, што се одржа синоќа (по македонско време) во Њујорк, во рамки на учеството на 80.Сесија на Генералното собрание на ОН.

– Тој рече дека стои зад нас и дека ова секаде ќе го повторува. Се разбира добро е да чуете ваков став и да добиете поддршка од првиот човек на Обединетите нации заради неговото богато дипломатско искуство во кое и ние сме биле вклучени како земја која што кога имала проблеми се нашла на дневниот ред на неговата агенда, истакна претседателката Сиљановска – Давкова.

Таа додаде дека средбата не беше од отворен карактер, меѓутоа на неа беа присутни и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и министерот за евроинтеграции Орхан Муртезани, кои ја придружуваат на работната посета во Њујорк.

Сиљановска – Давкова на средбата изрази почит кон улогата на Гутереш како глас на разумот и правдата во време на големи глобални предизвици и тектонски промени во меѓународниот поредок.

– ОН треба да ја зајакнат својата улога и да бидат главната арена за справување со глобалните предизвици – од војната во Украина и конфликтите на Блискиот Исток, до климатската криза и спроведувањето на Агендата 2030. Затоа се потребни суштински реформи, преку јакнење на репрезентативноста и демократизацијата на Генералното собрание и на Советот за безбедност, истакна претседателката на средбата со генералниот секретар на ОН.

Нагласувајќи ја важноста на женското лидерство, таа укажа дека активно се спроведува и Вториот национален акционен план за жени, мир и безбедност.

Според неа, водството на Гутереш отвора простор за спроведување на потребните реформи на светската организација, а одличното партнерство со тимот на ОН во земјава резултира со значајна поддршка на реформите за владеење на правото, борбата против корупцијата и доброто управување – приоритети кои се клучни за македонската европска интеграција.

Сиљановска-Давкова му се заблагодари на Генералниот секретар на ОН за безрезервната поддршка на македонскиот пат кон ЕУ и за неговата позиција за потребата од забрзување на евроинтегративниот процес.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Николоски од Атина за МИА: Со Грција имаме можност да станеме најдобри економски партнери во регионот

Следна објава

Радарот на Скопскиот аеродром повторно е функционален