Синдикат на Клинички центар: Со покачувањата, платите на специјалистите се 55.000 денари, далеку од ветените 100.000

Со сите покачувања, доктор специјалист во Клинички центар има 55.370 денари основна нето-плата, медицинска сестра со средно стручно образование 22.701 денар основна нето-плата, а медицинска сестра со високо образование 27.857 денари основна нето-плата, што е далеку од ветените 100.000 денари плата за доктор специјалист и двојното зголемување на платите на медицинските сестри, велат од Синдикатот на Клиничкиот центар.

Од таму додаваат дека не се оствари ниту ветениот бесплатен паркинг или најмногу до 200 денари за вработените во Клинички центар, ниту се реализира концептот за функционално единствен универзитетски клинички центар.

Сепак, велат од синдикатот, во принцип се задоволни од остварените покачувања на платите на вработените во Универзитетскиот клинички центар и во другите јавни здравствени установи. Синдикалците упатија барања кои сметаат дека треба да бидат вклучени во изборните програми на партиите во делот на здравството.

-Барањата се двојно зголемување на платите на здравствените работници и соработници во текот на 4-годишниот мандат, а при секое покачување да се планира и покачување за помошно-техничкиот и административниот персонал, изземање на здравствената администрација од останатата јавна администрација, паркингот на Клинички центар да е бесплатен за вработените или да е најмногу 200 денари, бенефициран работен стаж за здравствените работници и соработници, годишниот одмор да се зголеми за 10 работни дена, односно законски одредениот максимален број денови за годишен одмор да изнесува 36 работни дена, да се донесе Закон за докторска дејност кој ќе ја утврди основната нето-плата на докторите преку коефициентите од 2,5 до 3,8 помножени со просечната плата, согласно предлог-текстот од Лекарска комора од 21.4.2016 година, велат од Синдикатот.

Претходна вестДен Дончев: Снимките објавени на „Јутјуб“ се извадени од контекст
Следна вестВториот бран не стивнува: 118 новозаразени, починаа четири пациенти од вирусот