Синоќешното загадување не опомена дека причините се уште не се отклонети

Со Тони Никушевски, еколошки активист, зборуваме за прекумерното загадување на воздухот кое што се случи синоќа во Скопје, за начините како тоа да се спречи…

Синоќа во централното градско подрачје имаше зголемување на концентрациите на ПМ10 честички и до 112 микрограми во ситуација кога имаше полициски час, кога немаше движење на возилата… На што се должи тоа?

-Се должи на комбинација на повеќе фактори. Едно се климатските и атмосферските фактори кои владееја синоќа и во текот на ноќта. Изминативе две ноќи беа студени. Тоа создаде ситуација во која пониските слоеви на атмосферата се поладни од погорните. Заради тоа концентрациите на гасови во подолните слоеви стануваат погусти и тоа го забележаа инструментите. Фактот дека во утринските часови воздухот се прочисти, и тоа мошне брзо, укажува дека делувале атмосферските фактори кои настапија во утринските часови. Толку брзо прочистување не беше можно на поинаков начин освет преку атмосферски фактори.

Второ, кон загадувањето придонело сигурно и горењето на ќумбињата по домаќинствата, но и на индустриските објекти кои работат. Очигледно имаме уште објекти кои се греат на мазут, а токму податоци за употреба на овој енергенс и ни недостасуваат: каде се и колкави количества се трошат.

Очигледно, се уште немаме доволна контрола врз она што се согорува и што оди во атмосферата?

-Да, кај нас се уште е голем проблем контрола на изворите на емисиите на гасовите. Сето тоа ќе се надминеше доколку кај нас во закон се преточи Директивата на Европската комисија од 2016 година за максимални емисии на гасови. Со таа Директива јасно се пропишани дозволените емисии, каков мониторинг систем, каква опрема да се има за инспектирање. Примената на овие директиви ќе ги натера компаниите да работат како што треба во однос на чувањето на животната средина. Односно, Директивата ќе определи колкави емисии на гасови може да се испуштаат. Значи, нема зошто да им забранувате да увезуваат отпад ако е тоа во функција на нивно подобро работење. Но, тие треба да имаат БАТ-пракси (најдобро применливи техники) со кои или нема да се емитуваат гасови или тоа ќе биде на безопасно ниво.

Сакате да кажете дека забраната за увоз на отпад која што неодамна беше донесена нема да има голем ефект за подобра животна средина?

-Наместо закон за Индустриски Емисии ни наметнаа лажна победа со законот за забрана на увоз на отпад како енергенс. Закон за Индустриски Емисии ќе ги опфатеше сите емитери, а законот забрани само 4 проценти од целокупното гориво на само една од вкупно 178 инсталации со А лиценца. Во државава секоја година се трошат 100-ици иљади тони мазут, петрол, кокс и јаглен. Значи, суштината на борбата е во тоа да се контролира она што се испушта во атмосферата, а не што се ложи во ложиштето на некоја постројка. Кога имаш определени прописи за тоа што и колку можеш да испуштиш во атмосферата тогаш секој ќе биде принуден да води сметка за тоа, а тоа и полесно ќе се контролира.