Сирото образование, пак му се навртеа да го реформираат

Со години македонското школството тоне. Образовниот систем во Македонија стана збир на импровизации, површности и неквалитет врз кој упорно се прават некакви си реформи, експерименти, насадување на туѓи наставни програми, се избираат погрешни кадри…

До кога ќе биде така? Па нели младите се иднината, нели знаењето е прв предуслов за подобра иднина? И плус, СДСМ и ДУИ одамна заседнаа во власта, а цело време велат дека образованието им е приоритет…

А дека им е приоритет кажа пред некој ден и вицепремиерката Грковска:

-Сите меѓународни извештаи покажуваат дека имаме проблем со квалитетот на знаењето и стручната подготовка на младите. Алармот е веќе вклучен, и за Владата и за локалните самоуправи, и за вработените во образованието. Ако веднаш не преземеме конкретни мерки и чекори, ќе биде доцна. Веќе немаме право на грешки, немаме право на импровизации, нагласи таа.

Во момент на искреност и претседателот Пендаровски пред четири дена рече:

-Во здравствениот сегмент сме високо рангирани во однос на смртноста на ковид-19, а имаме слаби резултати и во рамки на ПИСА тестирањето на учениците, посочи тој.

И? Што сега ќе се прави по овие болни констатации за лошото македонско школство?

Децата во Македонија се паметни, интелигентни и способни се за учење како и сите деца во светот, но нашиот образовен систем постојано си прави експерименти со нив. За тоа кој е виновен? Доволни ли се констатации на политичарите дека образованието е во хаос за да има подобрување? Можат ли сегашниве одговорни лица да носат подобрувања?

А еве каква е сега состојбата: Нема многу од учебниците, а одамна почна учебната година, нема добро осмислен концепт, нема доволно кабинети по математика, физика, хемија, компјутерство…, нема потребен број на мотивирани наставници…

Наставните програми за неколку предмети не се надоврзуваат една на друга па децата добиваат слаби оценки. Децата и родителите плаќаат приватни часови, а надлежните реагираат споро. Пред три години пак се тргна во нови реформи, сега по фински урнек. Тогашната министерка Мила Царовска, со мала група одбрани експерти, си направи концепт и реформата од лани почна да се применува. Веднаш доби предупредување од сите најкомпетентни образовни институции во Македонија дека реформата е лоша, но таа си тераше по свое…

И „згора на тога“ што би рекол Зоран Заев на крај на учебната година на многу ученици им се подаруваат повисоки оценки, за да бидат посреќни некои родители, а и школите да се фалат дека имаат одлични ученици. Ете тоа е образовниот систем во Македонија. До кога ќе биде така?

Како по навика – власта ќе тргне во правење нови реформи на реформите што го реформираа недореформираното образование. Дури Владата формира и посебен Совет за унапредување на образованието во кој ќе членуваат речиси сите државни служби и институции кои се занимаваат со образованието. Па дури е кооптиран и вицепремиерот Артан Груби!?

Сирото образование…

 

Претходна вестСкопските топлани не смеат да користат дизел гориво, немале дозвола ниту побарале
Следна вестУтре стартува ноќна трка во чест на ослободувањето на Скопје