Сите биле убиени во Треблинка: Се одбележуваат 80 години од фашистичката депортација на 7.144 македонски Евреи

Во Битола, Штип и Скопје од денеска до недела ќе се одбележуваат 80 години од 11 Март – Денот на депортацијата на 7144 македонски Евреи во логорот на смртта Треблинка. Македонското Собрание информираше дека негови делегации ќе положат цвеќе на спомен-обележја во овие три града од кои биле најбројни депортираните македонски Евреи во 1943 година.

Собраниска делегација денеска ќе положи цвеќе во Битола пред Споменикот на жртвите на холокаустот од Битола и пред Споменикот на Естреја Овадија-Мара.

Утре, 10 март, собраниска делегација цвеќе ќе положи пред Споменикот на депортираните Евреи во Штип.

В недела, 12 март, собраниска делегација ќе оддадат почит на жртвите Евреи од Скопје. Ќе биде положено цвеќе пред Споменикот на 7144 македонски Евреи во Тутунски комбинат-Монопол и пред Споменикот на депортираните Евреи и Споменикот на паднатите борци во НОБ на Еврејски гробишта – Градски гробишта Бутел.

Депортацијата на Евреите од Македонија претставува настан од Втората светска војна организиран од владите на тогашните фашистичка власти на Германија и Бугарија, со цел систематска елиминација на еврејското население од т.н. „новоослободени територии“ од страна на бугарската власт. Депортацијата на Евреите од Македонија претставува дел од депортација на Евреите од сите „новоослободени територии“ (Вардарска Македонија, Егејска Македонија, Поморавјето (Србија), и Тракија).

Познато е, по окупацијата на Македонија, на 18.04.1941 година, Германија ја предала контролата во рацете на Бугарија. Евреите немале право на државјанство, а им било забрането да работат како банкари, јавни службеници, аптекари и лекари, но и да работат во весници, театри и кина. Властите вовеле полициски час, конфискувале куќи и дуќани и ги присилувале Евреите да живеат во гето.

На почетокот на 1943 година, Теодор Данекер, германски СС офицер, пристигнал во Бугарија за да го надгледува спороведувањето на бугарската антиеврејска политика… Така почнуваат и подготовките за депортирање во логорите на смртта во Полска, која била под германска окупација.

На 11.03.1943 година Евреите од Битола и од Штип биле собрани од нивните домови и затворени во Монополот – фабриката за тутун во Скопје, по што следела депортација во логорот на смртта во Треблинка. Околу 7200 луѓе биле натрупани во Монополот без доволно храна, вода и хигиенски услови. Многу мал број Евреи успеале да избегаат. Околу 165 лекари и странски државјани биле пуштени на слобода.

Во низа од три транспорти, кои започнале на 22.03.1943 година, бугарските стражари натовариле 7.144 Евреи во добиточни вагони на бугарската државна железница и ги придружувале до Лапово, каде требало да им бидат предадени на Германците. По шест дена патување во нечовечки услови, Евреите пристигнале во Треблинка. Сите биле убиени во логорот.

Претходна вестВечерва ќе „гори“ во „Борис Трајковски“, Македонија ќе игра против Португалија
Следна вестКонцерт на Филхармонија со виолинистката Леиа Зу