Сите кои поседуваат повеќе од еден автомобил би ги лишил од тоа задоволство

Ѕвездата на филмот „Исцелител“, македонскиот кандидат за престижниот „Оскар“ од неанглиско говорно подрачје, Благој Веселинов е револтиран од она што досега се случило со неговиот град. Овој актер, кој неодамна беше вброен во 10-те најдобри актерски таленти во подем во Европа, смета дека за тоа најголема одговорност ја имаат политичарите, оние кои донесувале клучни одлуки за тоа како ќе се развива градот. Тој смета дека се направени големи грешки меѓу кои, секако, најголемата е она направена во периодот на пост-змејотресната обнова и изградба на градот.

о Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
– Сообраќаен хаос и многу градежни активности проследени со политичари кои допринесуваат во лудилото. Во тоа од порано сепак имаше место за луѓе.
Секако помислувам како и кој успеа да го уништи проектот на Кензо Танге кој после катастрофалниот земјотресот во 1963 година требаше да го издигне новото Скопје во недостижен архитектонски подвиг. Тоа го гледам како точка на топење на идејата да се создаде град кој веројатно ќе беше пример за целиот свет. Наспроти таа фантазија ова што му се случи на ” модерно Скопје” е хорор приказна која за жал нема свој почеток, а со тоа и свој крај.

о Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
– Во тоа од порано сепак имаше место и за луѓе. Мислам дека во изминатиов период во нагрдувањето на Скопје не себично се приклучија сите кој беа желни за брзи пари. Така условите за живеење се сведоа на минимум, а ние станавме животни.

о Дали Вие доволно му дадовте на Скопје?
– Се движам со велосипед. Толку можам драго Скопје. Еколошки сум свесен, но тоа не му помага на градот во кој нема колективна свест.

о Со што најмногу се гордеете во Скопје?
– Со тие кој на чесен и достоинствен начин допринесуваат за поубаво и хармонично живеење. Со сите кои им се радуваат на ново насадените дрвја и со позитивна мисла ги бркаат сивите облаци застојани во нашите тела. Се гордеам со луѓе, оти со решенијата за моето поубаво живеење не можам.

о Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
– На Скопје му треба пауза да се одмори. Ако сакате да го дефинирате терминот “градежна мафија” повелете во Скопје, Треба да се угледаме на нив, они не познаваат партија.

о Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
– Би додал уште 10 театри. Сите кои поседуваат повеќе од еден автомобил би ги лишил од тоа задоволство.

о Во какво Скопје сакате да живеете?
– Во Скопје почитувано од своите граѓани, полно со луѓе кои имаат морални вредности. Скопје со крената глава и гради полни љубов.

о Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците му даваат доволно на градот?
– За стабилни институции и зрели политичари малку ќе си почекаме. До тогаш диши на шкрги. Ние децата на транзицијата имавме можност да ги запознаеме најнесовесните политичари кои една татковина може да ги изроди. Сепак колку можеш ќе се спасиш и додека чекаме божје чудо, ќе си дишеме на шкрги.