Сите настапуваат со голи фрази и ветувања кои не ги остваруваат

Колумна на Владимир Величковски:

 

Скопје живее во задушена изопачена стварност и се уште е во процесот на агресивна деградација. Далеку од свеста и знаењето е поимот на креативно создавање „одржлива архитектура и урбанизам“ актуелен правец во современиот свет. Доволно е само да поминеме низ центарот на Скопје и веднаш да констатираме какви непоправливи грешки се направени пред се заради мешање на партиските дилетанти во строго стручниот професионализам, како и во сите сфери на општествениот и творечки живот. Државни институции се заробени во бирократија и тегобна нефункционалност и заради голем број партиски вработен нестручен кадар, погодно тло за контрола и развој на мито и корупција, работа со уцени и манипулации. Тоа е состојба на распаѓање на системот што трае и која тешко се разбива. Доста е со несмасен популизам и лажен патриотизам со што го делат народот! Факт е дека голем број на вработени излегуваат на протести, обеснажени и за некое мало покачување на платите и пензиите и се држат до колективни договори итн. Власта одеднаш, можеби и од страв има разбирање за нивните барања. Погледните ги само стемнетите и апатични лица на работниците од чија уста излегува незадоволство и тивко крикнување: Ужасен е животот. Но кој да ги слушне и заштити?!

Покрај тоа и внесувањето на Бугарите како конститутивен народ во македонскиот Устав е услов за почнување на преговорите за членство во ЕУ. Меѓутоа, не без причина постои одредено стравување од можни компликации. Наместо доверба двете држави поттикнуваат недоверба. Секако, потребна ни е поголема широчина во решавање на проблемите. Образованието, кое треба да има темелно значење но со него раководат некомпетентни министри кои генерираат само проблеми, а не решенија. Здравството е во тешка криза, а министерот си дозволи државната кардиохирургија, позната во светот, преку ноќ да ја остави без раководен кадар. Какво самоволие и уништување на здравството! Не се гради државна клиника, но се множат приватни поликлиники, како и универзитети. За сите нив не постои не постои „морален кодекс“, ниту смисла за одговорност или повлекување од функција. Манирот на извинување, секако е резервирано за покултурни средини. Извиканото правосудство покрај сите недостојности и сите скандали единствено што заслужи е-нула доверба. Правото и правдата се на последното место во нивните приоритети а за нив се незаслужено добро платени. До сега Скопје требаше да биде поуреден и барем почист, а не град полн со крш кој плива во нечистотија и ѓубре, целиот во сообраќаен метеж и хаос. Чудно е кога ќе слушнете дека има редари кои казнуваат за фрлен отпушок. Зошто не вработат барем неколку илјади редари, барем да ја потсредат урбаната функција? Инаку, покрај другото, во Градот Скопје не знаат како да постапат во санирање на опожарениот мост во центарот на градот.

Но, како се однесуваат партиите во овие кризни времиња? Подели па владеј е нивната цел. За тоа сведочи и една фотографија од безуспешната „лидерска средба“ за отворање на Уставот. Некој, самобендисано, за однапред се прогласува за победник и носител на идната власт, ама не слушнавме со каков проект, идеја или визија за подобар живот, не на граѓаните туку на индивидуите. Сите настапуваат со голи фрази и ветувања кои не ги остваруваат. Ни се случува лошо владеење со лоши резултати.

Претходна вестКолони возила на границата со Грција, се чека и повеќе од 1 час
Следна вестПутин: Ова е забивање нож в грб, одговорот ќе биде жесток