Сите сме затруени со политички емисии и безвредни серии

Новинарка и писателка Наде Стојилковиќ спаѓа во редот на оние граѓани кои на малите екрани им посветуваат најминимален дел од денот..

Што им препорачувате на скопјани да гледаат на телевизиските програми?

-За жал се сметам некомпетентна да препорачувам некому нешто да гледа, кога ниту јас самата не гледам телевизија. Не затоа што не ја сакам, туку затоа што едноставно во последно време кренав раце од ТВ-екраните. Мислам дека сите ние веќе сме затруени со политички емисии и безвредни серии, затоа и преферирам да прочитам добра книга, а не да си го губам времето пред телевизорот. Но, ако веќе морам нешто да издвојам и да препорачам од она што барем повремено ќе погледнам, тоа се ретките забавно-контактни емисии, кои можат да не забават и да ни го ослободат мозокот од напнатоста на секојдневјето. Иако, и нив ги има малку, а заблежав дека и тие се копија една на друга на домашните ТВ канали, но што е тука е…  

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?

Политичките емисии. Затруени сме со емисии во кои гостуваат претставници од „овие“ или „од оние“, секоја вечер слушаме бескрајни расправии за тоа кој повеќе градел, а кој крадел, а тоа препукување влијае на нашата психа, мотивираност за работа или творење, креативност. Затоа, народете, сменете го каналот кога ќе видите политички фаци на мониторот, барајте нешто што ќе ви го разведри духот и ќе ве забави.   

 Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?

Секогаш може и повеќе. За Скопје се зборува само од аспект на тоа што се случило во текот на денот, некоја сообраќајна несреќа, некој комунален проблем… Но, каде е визијата за градот кој, да се разбереме, е премин од Европа кон јужните и земјите од Блискиот Исток, што значи дека е град посетен од многу туристи? Но, кога веќе зборуваме за Скопје како капитол и неговата недоволна застапеност како културен и сообраќаен центар, јас би ги додала и останатите градови од нашата држава, кои мислам дека речиси и не се спомнуваат…  

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

Емисија за културните вредности! Сметам дека културата од секој свој аспект – уметност, театар, балет, филхармонија, музика, филм, книги и воопшто домашно издаваштво, ја нема доволно на тв-екраните. Тоа е навистина штета, бидејќи емисиите се начин граѓаните да се информираат за она што се случува во културата, иако, пак кај нас и од аспект на сиромаштво во културата има многу да се зборува, но сепак, недостасува емисија која ќе ги запознава граѓаните со новитетите во овие области.