СЈО си делеше милиони, а сега остана без телефони и интернет

Некогаш моќното СЈО сега нема ниту интернет ниту телефонски врски. Од институција која годишно трошела меѓу три и четири милиони евра и во која се исплатувале плати и надоместоци тешки десетици илјадни евра сега е дојдено до ситуација во која вработените три месеци не земале плата и на кои има се исклучени телефоните и интернетот…

Ова е дел од епилогот на четиригодишното постоење на Специјално јавно обвинителство кое беше основано во септември 2015 година со цел да го расчистува криминалот на високи политички функционери на тогашната власт врз основа на снимените телефонски разговори. Во тој период, врз основа на Пржинскиот договор, државата за функционирањето на СЈО, на чело со Катица Јанева и со околу девеесетина вработени, обезбеди значителни парични средства – годишни буџети во просек од околу четири милиони евра.

По аферата „Рекет“ и притворањето на шефицата Катица Јанева на виделина почнаа да излегуваат сите трошења кои се правеле со нејзиниот амин. Така, додека судските процеси кои ги отвори ова обвинителство бавно се одвиваа, трошењето на парите било експресно. Најбрзо преку исплатата на плати, хонорари и на надоместоци за доверливост –  Јанева, на пример, земала вкупно 157.000 евра надвор од редовната плата, а останатите специјални обвинители од СЈО од 80.000 до 100.000 евра, надвор од платата.

Но, ситуацијата се менува по апсењето на Катица Јанева во август годинава. Со тоа СЈО остана без овластено лице кое може да ги потпишува налозите, од оние за исплата на плати па до плаќање на најобични комунални сметки. Обвинителството е практично финансиски парализирано иако има пари на својата сметка бидејќи државата и за годинава им обебзбеди 3,7 милиони вера. Со оглед на фактот дека специјалните обвинители се веќе префлени во редовното обвинителство и дека таму треба да бидат префрлени останатите вработени, јасно е дека СЈО, кое пред само четири години беше моќна институција, полека згаснува…