Скок на цената на бензините

Ново, значително, поскапување на горивата од ноќеска на полноќ одобри денеска Регулаторна комисија за енергетика. Според одлуката, бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за 2,5 и за 3 денари за литар. Така, малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 3 денари на 57,5 денари за литар. Цените на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е В) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1)се зголемуваат за 2,5 денари за литар и со тоа малопродажните цени ќе изнесуваат: 59,5 денари, 49,5 денари и 37,5 денари за литар.

Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 3,929 денари на 23,427 денари за килограм.

Претходниот пат кога регулаторна излезе со нови цени, бензинот ЕУРОСУЕР БС-95 поскапе за 0,50 денари и чинеше 54,50 денари а БС-98 поскапе за еден денар и новата цена беше 57 денари за литар.

Од РКЕ објаснуваат дека покачувањето се должи на фактот дека трета недела по ред во просек како продолжува трендот на раст на цените на нафтените деривати на светските берзи.

Цената на бензинот се зголеми во просек за околу 23,66 отсто, а кај дизелот зголемувањето е во просек за околу 16,74 проценти, соопштија од РКЕ.