Скопјанец тргнал да се приклучи на „Ал Нусра“ во Сирија, но го фатиле во Турција

Поднесена кривична пријава за скопјанец за учество во паравоени формации. Имено, Секторот за борба против тероризам и насилен екстремизам при МВР до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, вчера поднел кривична пријава против 20-годишен скопјанец за сторено кривично дело – учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации.

Како што информираат од МВР, пријавениот со намера да замине за Сирија за да учествува во групата Џабхат ал-Нусра, која е прогласена за терористичка организација од страна на ОН во 2013 година, преку интернет остварил контакти со две лица државјани на земјава, од кои едниот се наоѓал во Сирија, а другиот бил повратник од Сирија. Тие му објаснувале како да се стигне до Сирија.

На 1 ноември минатата година пријавениот со автобус ја напуштил територијата на Македонија преку граничниот премин Богородица и веќе на 2 ноември влегол во Турција, од каде што требало илегално да ја премине турско-сириската граница и да биде прифатен од страна на две непознати лица.

Но, на 6 ноември 2019 година при обид илегално да ја премине турско-сириската граница скопјанецот бил уапсен од страна на турските безбедносни органи , така што кривичното дело останало во обид.

При апсењето скопјанецот бил без документи за идентификација, лажно се претставил и рекол дека имал намера да патува во Алепо, Сирија. Сепак наскоро му бил утврден идентитетот и скопјанецот бил депортиран на скопскиот аеродром, каде што е преземен и приведен во полициската станица во Кисела Вода.

Вчера е извршен и претрес во домот на скопјанецот, при што се пронајдени и одземени девет мобилни телефони, една СИМ-картичка, две УСБ и еден лаптоп.