Скопјани: Ги поддржуваме зависниците во лечењето, Центарот да се дислоцира на Водно меѓу резиденциите и амбасадорските вили

Откако најпрво се случија протестите во Кисела Вода за дислокација на Центарот за зависници, па се преселија во други населби како резултат на „ад хок„ решенијата на министерството за здравство: прво во фабриката МЗТ Гази Баба, а сега на повеќе места, како поликлиниките „Јане Сандански“, таа во Ченто, „8 септември“ во Карпош и таа во Бардовци- почнува да се креира една нова, чудна и помалку сомнителна теза. Имено, до сега работите течеа по хронологијата носење одлука, според граѓаните несоодветна, па протести, па поништување на одлуката. Така и во Кисела Вода и во Гази Баба.
Но, откако аеродромци вчера кренаа глас дека се противат дел од центарот да биде дисперзиран и во „Јане Сандански“ (која инаку се наоѓа меѓу две училишта, две градинки и детско игралиште, и тоа во радиус од околу 200 метри), се појави тезата дека скопјани ги мразат зависниците и се плашат од нив како од лепрозни. Па почна бескрајно докажување на социјалните мрежи.
Сепак, за сега, преовладува побивањето на т.н. новоформирана теза. Барем според она што ни го пишуваат скопјани во електронската пошта на „Скопско ехо“. Тие се противат на бесмислените решенија што ги носи државата, а не на фактот дека зависниците мора да се лечат.
-Никој не ги мрази зависниците, и тие се луѓе од крв и месо кои одлучиле да и стават крај на црната патека. Но начинот на кој тоа технички и медицински се испланира е неизводливо во една од најурбаните и најгусто населените средини – Аеродром, на пример, пишува Стефан А.
-Надлежните наместо да не прашаат нас граѓаните прво дали сакаме, а потоа дали можеби имаме поинакви идејни решенија, тие самите одлучуваат, па очекувано е да се случат „граѓани“, односно „протести“, вели Маја Т. од Аеродром.
-Зошто не помислија да ги дислоцираат во елитните населби на Водно, еве на пример. Таму има чист воздух, пространост, локации колку сакаш… А не може?! Таму се резиденциите на државниот врв, амбасадите… а меѓу обичните луѓе смртници, но и даночни обврзници, мора да може, оти кој не прашува нели, вели Тома Ч. исто така од Аеродром.
Но има и такви кои размислувале поинаку, па ни пишуваат:
-Еве на пример дел од повратокот на ДДВ-то можеби може да се пренасочи кон изградба на нов Центар, како решение кое ќе биде заедничко на државата и граѓаните во полза на зависниците, вели Сотир А. од Пржино.
Дали министерството за здравство ќе остане на последното свое решение или ќе падне и ова во вода, се очекува да разбереме во периодот што следи. До тогаш најавени се протести и во Карпош и во другите населби каде што е одлучено да бидат распреелени зависниците за метадонска терапија.