Во објава на својата официјална страница на „Фејсбук“, градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, се осврна на изборните резултати и побара оставка од градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, бидејќи, како што вели Стефковски, тоа е волјата на скопјани.
-Време е Скопје да се врати на скопјани, а Данела Арсовска да поднесе оставка! Кредибилитетот и легитимитетот на секој вршител на јавна функција, која се избира на непосредни избори, извира и им припаѓа директно на граѓаните, без разлика дали се работи за претседател на држава, пратеник, градоначалник или советник.
Бројките велат дека во 2021 година Данела Арсовска е избрана за градоначалник на град Скопје со гласовите на 118.545 скопјани, а на вчерашните избори Данела Арсовска преку својата партија во општините Гази Баба, Ѓорче Петров, Бутел, Чаир, Кисела Вода, Аеродром, Центар, Сарај и Шуто Оризари освои вкупно 2.584 гласа.
По ваквиот резултат, јасно е дека Данела Арсовска го загуби кредибилитетот да продолжи да го води градот Скопје. Скопје му припаѓа на скопјани, а не на Данела Арсовска.
Скопјани вчера ѝ порачаа на Арсовска дека е време да си замине! Затоа ја повикувам Данела Арсовска да поднесе оставка од функцијата градоначалник на град Скопје бидејќи тоа е волјата на скопјани. Време е Скопје да се врати на скопјани!, пишува Стефковски.