Скопје денес е во тројката најзагадени светски градови

По вчерашното петто место, Скопје денеска се искачи во тројката најзагадени градови, според мерењето на квалитетот на воздухот во 10:31 часот.

Иако времето е сончево, нема магла и не се забележува загаденост, сепак според објавата на веб-страницата иљаир.цом, во главниот град на земјава индексот на загаденост на воздухот е 195. Позагадени светски градови од Скопје, утрово се Лахор и Бишкек.

На iqair.com денеска може да се види дека во главниот град на земјава се измерени 141,4 микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички и 149,4 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички. Најголема загаденост измериле станиците во Лисиче, Гази Баба, Центар и Ректорат.

Според мерењата на „Ај-кју ер“, освен во Скопје, големо загадување има и во Кочани, Гостивар, Кавадарци и Куманово.

Поради големото загадување, кое веќе трае три дена, како во Скопје, така и во неколку други градови, на сила стапија препораките и мерките за надминување на прагот на алармирање.

Освен во Градот Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица, од денеска овие мерки и препораки стапија во сила и во Гостивар.

Препораките се однесуваат на тоа да се ослободат од работа хронично болните, да се реорганизира работното време за лицата кои работат на отворено, да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, инсталациите што поседуваат А – ИСКЗ дозвола да го намалат капацитетот на производство на половина, општините да ја намалат до 50 отсто употребата на службените возила, а се препорачува и ограничување на работите на градежните објекти до престанок на важење на препораките и мерките.

Претходна вестДемолирана планинарската кула на Титов врв
Следна вестСончево со малку облаци