Скопје доби буџет за следна година од 114 милиони евра, има пари и за новиот Луна парк

Советот на Град Скопје вчера донесе градскиот буџет за 2023 година тежок 114 милиони евра. Во соопштенето коешто го објави Градот Скопје се наведува дека се работи за развоен буџет, со социјална компонента и соодветни мерки за домаќинско и штедливо работење на градот.

-Благодарение на Советот на град Скопје и конструктивноста на сите советнички групи, граѓаните на градот Скопје за следната 2023 година имаат нешто над седум милијарди денари (7.094.386.000 денари, 114 милиони евра) за реализација на проекти кои значат исполнување на програмата „За Модерно Скопје“, се наведува во соопштението.

Во него се додава дека следната година од буџетот на град Скопје ќе се одвојуваат и значителни средства за субвенции на социјално ранливи категории граѓани кои имаат потешкотии поради актуелната економска и енергетска криза.

-Продолжуваат програмите за субвенции за граѓаните кои беа актуелни и во оваа година која изминува. За следната година, благодарение на конструктивноста на советниците од сите советнички групи во Советот на град Скопје, за следната 2023 година граѓаните ќе добијат буџет кој ќе значи и реализација на проекти за подобрување на јавната инфраструктура, подигнување на нови зелени површини, нови содржини во зоолошката градина и реализација на новиот Луна Парк, се наведува во соопштението.

Инаку, градскиот буџет беше изгласан синоќа со 28 гласа „за“. За него и покрај кавгата со градоначалничката Данела Арсовска гласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ, додека СДСМ не го поддржаа и на гласањето беа воздржани

Претходна вестПроменливо облачно со сончеви периоди
Следна вестСДСМ: Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Данела и Левица функционира, кавгите им се само за тендери