Скопје е исчистено само два пати, кога дојде Папата и за УЕФА купот

Музичарот Џон Илија Апелгрин смета дека изгледот и функционирањето на еден град најмногу зависи од самите луѓе, а не од финансиите.

оКога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

-Прво на дивите костени на „Ленинова“, децата кои играат џамлии, комшиите со кои си отпоздравувате, за веднаш потоа да се сетам дека Скопје е сосем обезличено во секој негов сегмент, неговите жители оттуѓени и ќе му треба болно и долго оправање.

оКое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?

-Порано Скопје личеше на град кој им служеше на жителите, сега е збир на кич споменици и градби и почнува да заличува на одлепен сон на Дали.

оСкопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?

-Градоначалниците и институциите одамна не ја завршуваат својата работа. Скопјани никогаш не барале премногу. Барањата за гасификација, зазеленување, ефикасен градски превоз, чистење на градот, безмилосна борба со загадувачите на воздухот, строга контрола во урбанистичките планови и обврски кон градежниците се 100 пати јавно искажани и на овие вечни теми нема поместувања. Па ние се уште немаме знаење и искуство една шахта да нивелираме како што треба, а се надеваме на некаков пресврт? Во последниве 40 години градот е исчистен само два пати како што треба, кога беше УЕФА Супер купот и кога не посети Папата.

оДали Вие доволно му дадовте на градот?

-Примерите и промените секогаш треба од нас да почнуваат. Секогаш сум се стремел да бидам примерен граѓанин на Скопје, а во изминатите 35 години пејачко искуство, од моите подароци се збогатуваат само оние кои сакаат едно фино, средено, културно Скопје.

оСо што најмногу се гордеете во Скопје?

-Иако не сум пресреќен како последниве 30-тина години изгледа и функционира градот, не можам да не спомнам една прекрасна група на врвни уметници, професори, интелектуалци, еснаф занаетчии, кои живееле и се уште живеат во Скопје, а кои можете да ги сретнете на отворање на изложби, во театар, на фини концерти или во некое кафеанче во Дебар Маало.

оШто Ви недостасува во градот, а што би одзеле?

– Едноставно речено недостасува уште малку повеќе живост, љубов и искрени насмевки.
Кога би одземал, би почнал од дозволи за градба, службени возила, лошите вкусови и болните ставови, а оние кои почнуваат разговор со “знаеш ли ти кој сум јас?” – директно би ги осудил на задолжителна комунална работа за градот и курс за градско воспитување.

оВо какво Скопје сакате да живеете?

-Сакам да живеам во град во кој улиците и тротоарите се без измет, кал, прашина и ѓубре, град во кој некој ќе објасни како исчезнаа две третини места на кои стоеа контејнери пред 10 години за собирање на смет и повторно ќе ги врати. Сакам да живеам во град во кој секој што гради, со закон е задолжен да изгради и паркинг места за идните станари, а камионите кои излегуваат од градилиште, претходно ќе бидат испрани. Сакам град во кој се поздравува садење дрвја, градење на паркови, места каде можете да одморите слушајќи ги птиците. Град во кој нема бандери и кабли со вплеткани патики и кеси, туку подземни инсталации, шахти на тротоари. Сакам да се планира, а не да се интервенира и раскопува на исто место 4 пати во една година. Сакам осветлен град во кој се почитуваат сопствените творци, а не се преплаќа естрадата од странство. Сакам среќни, а не загрижени, изнемоштени или бесни сограѓани. Не сакам кога патувам да заклучувам дека сепак е до луѓето, а не до парите.

оПреголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

-Секој главен град во светот е природно да расте и да го зголемува населението, но дури и при раст работите се планираат. Во околината на Скопје има доволно простор за раст на градот, со добра патна инфраструктура, нема да има потреба да се гради во јадрото на градот и да им го реметиме мирот на комшиите. Да се зголеми и да се збогати, но не материјално – туку духовно.